НЕ ЗНАМ ЗА „СТРАНСКИ СЛУЖБИ“, ГРУЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА НЕ Е ВО ТЕК СО ИСТРАГИТЕ НА СЈО

    НЕ ЗНАМ ЗА „СТРАНСКИ СЛУЖБИ“, ГРУЕВСКИ ВЕЛИ ДЕКА НЕ Е ВО ТЕК СО ИСТРАГИТЕ НА СЈОГруевски пред две години, кога уште беше премиер, одржа прес-конференција во Владата за да ја запознае јавноста со наводна инсталација на странски служби, кои со жолто комбе го прислушувале него и неговите соработници. - Никола Груевски на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово минатиот викенд (Фото: М. Златевска)

    Пратеникот Никола Груевски, обвинет во повеќе предмети на Специјалното јавно обвинителство, не знае дека ова обвинителство отворило истрага „Странски служби“.

    „Не знам, не сум во тек со тоа. Нека си вршат истраги, немаме од што да стравуваме”, кусо одговори Груевски по денешното најново доцнење на судски процес, овојпат на „Траекторија”.

    Груевски пред две години одржа неколкучасовен прес во Владата за да ја запознае јавноста за наводна инсталација на странски служби, кои со опрема за прислушување, во жолто комбе, го пикирале него и неговите соработници, за да ги прислушуваат.

    Целта, според Груевски, била да се прикаже врвот на ВМРО ДПМНЕ дека вршел масовно прислушување и така да се турне од власт заради промена на името и други антидржавни цели. Оваа теза на Груевски резултираше со конструирање на случајот „Пуч”, каде обвинет беше тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев за шпиунажа и насилство против највисоките државни органи. Но, тезата на Груевски е во конфликт со минатонеделната нова истрага “Странски служби”, во која се разобличуваат тврдењата на поранешниот премиер.

    Истрагата „Странски служби“, отворена против две лица поради постоење основано сомневање дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, од кои едниот како поттикнувач, а другиот како директен извршител, беше презентирана на прес-конференцијата на СЈО на 19 декември.

    Како што кажа специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, прибраниот доказен материјал упатува на околноста дека во текот на октомври и ноември 2014 година, по барање на еден од осомничените, кој во тој период бил началник на Одделот за оперативна техника при УБК, странска компанија изготвила извештај во кој е наведено дека на подрачјето на Град Скопје, „со своја опрема“ детектирале нелегална активност со клонирани (дупли) базни станици. Овој извештај требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека масовното незаконското прислушкување го извршиле странски служби.

    „Се разбира дека за изготвување на таков невистинит извештај, свој интерес имала и странската компанија и таквиот интерес се реализирал многу набрзо. Имено, веќе во месец декември 2014 година, еден месец по изготвување на нарачаниот извештај, оваа компанија, надвор од процедурите во Законот за јавни набаки, со веројатно најбрзата постапка за јавна набавка на опрема, преку дејствија на двајцата осомничени со фаворизирање од нивна страна, го добила тендерот за набака на опрема за потребите на МВР“, додаде Фетаи.

    За пет дена, откри Фетаи, била „средена целокупната работа“, како претставниците на странските компании во Република Македонија да ги примиле поканите и веднаш ги доставиле понудите, а кои, според почетните сознанија, се рачно пополнети од едно исто лице. Реализацијата била уште поекспресна, поточно петтиот ден, на 24.12.2014 година, е донесена одлуката за избор на најповолна понуда и истиот ден е склучен договорот со претставникот на странската компанија, кој што од нему познати причини, токму тој ден, бил присутен во Република Македонија. Опремата по овој договор, за кој постои основано сомнение дека е склучен со незаконити дејствија на двајцата осомничени, е испорачана во мај 2015 и е инсталирана.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира