Судија на претходна постапка на петтемина приведени од Економскиот факултет во полициската акција „Еразмус„ вечерва не им определил мерка притвор, туку привремено им ги одземал патните исправи. Oсомничените имаат обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, дознаваме од извори од Кривичниот суд во Скопје.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денес потврди дека се осомничени осум лица од кои шест универзитетски професори, еден демонстратор и еден управител на бифе во универзитетскиот комплекс, по вчерашниот упад со полиција во универзитетскиот комплекс на Св. Кирил и Методиј.
Во соопштението на Обвинителството се вели дека „лицата се осомничени за сторени повеќе кривични дела за кои ќе се одлучува по спроведената истрага. Освен примање пари, постои степен на основано сомневање дека дел од професорите барале и извршување сексуални услуги заради полагање испит“.
Министерот за внатрешни работи Митко Чавков на прес-конференција рече дека две години била следена групата од Економскиот факултет.
Тој информираше дека групата е осомничена за повеќе кривични дела, примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање поткуп.