НЕМАВ МОЖНОСТ ДА ГО ИСКЛУЧАМ ЗЕКИРИЈА ИБРАИМИ, СВЕДОЧЕШЕ ВЕЉАНОСКИ ЗА ПЕЕЊЕТО НА АЛБАНСКАТА ХИМНА НА 27 АПРИЛ

    НЕМАВ МОЖНОСТ ДА ГО ИСКЛУЧАМ ЗЕКИРИЈА ИБРАИМИ, СВЕДОЧЕШЕ ВЕЉАНОСКИ ЗА ПЕЕЊЕТО НА АЛБАНСКАТА ХИМНА НА 27 АПРИЛПоранешниот претседател на Собранието, сега пратеник, Трајко Вељаноски на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани. (Фото: К. Попов)

    Горан Ѓошевски ми беше 9 години лично обезбедување. Го наследив од претходниот претседател, сега покојниот Љубиша Георгиевски, го почна Трајко Вељаноски сведочењето на судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април лани.

    Толку го испофали, што во еден момент кажа: „Да имам можност, пак би го ангажирал Ѓошевски како лично обезбедување“.

    Вељаноски во Основниот суд Скопје 1 денеска е повикан како сведок на Ѓошевски, еден од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

    „На 27  април лани околу пладне имавме куса координација за писмо од 31 пратеник од СДСМ, за да продолжиме со собраниската седница и на 28 април. Продолжи седницата со реплики на говорот на Панчо Минов. Па контрареплики, па процедурални забелешки… Ситуацијата беше напната цел ден. Во една таква процедурална забелешка Крсто Мукоски ја испеа македонската химна. Следеа процедурални, пратеникот Зекирија Ибраими ја испеа албанската химна“, сведочеше Вељаноски.

    „Комуницирав со Ѓошевски. Му реков да биде на штрек, зашто во вакви ситуации фали само искра. Сум бил сведок на такви инциденти имало дури и тепачки меѓу пратеници“, рече експретседателот на Собранието Трајко Вељаноски, кој воопшто не го спомна 24 декември 2012 година, кога со полиција и ќотек ги истера пратениците од СДСМ и новинарите.

    „Немав можност да го исклучам Зекирија Ибраими. Испеа, дојде 18 часот, ја прекинав седницата, реков продолжуваме утре. Никој не излегуваше од салата. Останав уште 10 минути да им дадам знак да си заминам. По 10 минути си заминав, де качив во кабинетот. Го побарав на мобилен Ѓошевски, му кажав ако дојдат пратеници, да не им дозволи да пријдат“, раскажуваше Вељаноски.

    Со Илија Димовски биле договорени да одат на матурска кај дете на нивна пријателка.

    Кога влегла толпата, тој во неговиот кабинет бил со повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и вработени од службите. Ѓошевски не бил со него, а потоа дошол пред кабинетот како негово лично обезбедување.

    По адвокатката на Ѓошевски, прашања поставува обвинителката Вилма Рускоска.

    „Рековте Ѓошевски ве штител вас, а бил задолжен за безбедноста и заштитата на сите пратеници. На 27 април никој од претепаните пратеници немал потреба од заштита на Ѓошевски?“, праша Рускоска.

    „Јас тоа го кажав како човечка негова димензија. Дека им излегувал во пресрет и на другите пратеници, им завршувал работа за пасоши, лични работи, им се наоѓал за превоз“, одговори Вељаноски.

    „Рековте имало инциденти, па затоа сте му кажале да внимава кога, сте се качиле во кабинетот. Дали мислевте и на инцидентот на 24 декември 2012 кога дадовте наредба полицијата насилно да ги исфрли пратениците од пленарната сала?“, го праша Рускоска сведокот Вељаноски.

    „Не мислев на 24 декември. Тогаш функцијата претседател на Собрание беше нападната, беше уништен системот на пултот, беа фрлани спајалици, беше истурен јогурт. Мислев на правилникот донесен од мене во 2011 година внатрешното обезбедување да интервенира кога има искри и тепачки меѓу пратениците, што било случај досега. Ако такво нешто се случеше, тие да интервенираат. На тоа мислев кога се координирав со Ѓошевски“, рече Вељаноски.

    „Не сте разбрале што пее Зекирија Ибраими, зашто немало превод што пее. Дали намерно не го исклучивте микрофонот?“, беше прашан Вељаноски.

    „Јас ја знам македонската химна, албанската не, и не знам кој пратеник што збори кога пее. Ако е од место, може да го исклучите. Ако е од говорница, не можам за жал. Не знам дали вие можете да ме исклучите сега додека зборувам“, кажа поранешниот претседател на Собранието.

    „Тука не можам да ве исклучам, зашто ова е судница. Да бев во Собрание, ќе ве исклучев. Сме ве гледале, стално сте исклучувале пратеници на говорницата среде нивен говор“, му кажа Кацарска на Вељаноски.

    Сведочењето на Вељаноски е во тек.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира