НЕМИЛИТЕ НАСТАНИ ОД МАКЕДОНСКАТА И ГРЧКАТА ИСТОРИЈА ЌЕ СЕ ОБЈАСНАТ НА ПОФИН НАЧИН ВО УЧЕБНИЦИТЕ

    НЕМИЛИТЕ НАСТАНИ ОД МАКЕДОНСКАТА И ГРЧКАТА ИСТОРИЈА ЌЕ СЕ ОБЈАСНАТ НА ПОФИН НАЧИН ВО УЧЕБНИЦИТЕПремиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас пристигнуваат на потпишувањето на Договорот од Преспа на 17 јуни 2018. (Фото: СДК.МК)

    Заедничкиот интердисциплинарен комитет на македонски и грчки експерти оформен согласно Договорот од Преспа на 22 и 23 март имал средба на која било навлезено конкретно во материјата на учебниците по историја и географија за средно и основно образование во двете земји. Нашата страна дала, според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК, забелешки на 20 страници како одговор на забелешките на грчката страна.

    Досега се разгледани и учебниците по етика и социологија и целта, според истите извори, е да се исчистат од секаков иредентизам и од сѐ што би им попречило на добрососедските односи.

    На 12 и 13 април, комисијата од македонски и грчки експерти ќе има уште една средба на која, велат дипломатските извори, ќе има многу поконкретно навлегување во материјата на овие учебници. Од она што успеавме да го дознаеме е дека ние доцниме со издавање на новиот учебник по географија за што имало забелешки од грчката страна.

    Експертската комисија, во која доминираат историчари, дошла до добри приближувања. Се договориле во учебниците, покрај мислењето на авторот како негово ексклузивно право за одреден настан, да има и други мислења. На пример, немил настан за една од двете држави договорено е да биде објаснет со поинакви зборови. Целта на експертите е од коригираните учебници во двете држави детето, односно ученикот да си изгради свое мислење откако ќе му бидат дадени неколку мислења за одреден историски настан. Главните проблеми, според македонската експертска страна, ќе произлезат кај фактите и настаните, односно во учебниците што ја третираат историјата од 19. век. Но, велат нашите извори, ќе се оди по ред, ќе се почне првин со античката историја, преку 19. век, заклучно со настаните од 20. век.

    Некои настани, како што е на пример граѓанската војна во Грција и раселувањето на илјадници Македонци кои живееле на грчка територија, а кои воопшто не се третирани во учебниците во Грција дека воопшто се случиле, ние нема да бидеме принудени исто така да не ги третираме.

    Ништо нема да се исфрла, туку ќе се реинтерпретира, велат изворите. Придавките „македонски“ во учебниците, според Договорот од Преспа, ќе си останат, а во пишувањето на идните учебници, кои ќе бидат коригирани, експертите ќе се водат врз принципите на УНЕСКО, концептот на Советот на Европа за пишување учебници и од Договорот од Преспа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари