Забрана за прием на невакцинирани или некомплетно невакцинирани деца со ДиТеПер вакцината има не само во Скопје, туку на ниво на цела држава, кажа денеска министерот за здравство Илир Демири, на настан за Светскиот ден на глауком.
Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство на 6 март кажа дека ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да врши вонредни инспекциски надзори, а оттаму на 8 март соопштија дека од денес (11 март) ќе биде забранет прием во градинките на деца кои не се вакцинирани или се нецелосно вакцинирани со ДиТеПер вакцината.
„Вонредните инспекциски надзори ќе започнат на 11 март со издавање Решение за забрана на прием на деца кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ДиТеПер и други наложени епидемиски мерки. Исто така, ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДиТеПер. Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, а за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје“, соопшти ДСЗИ.
На новинарско прашањe денеска, дали смета дека одлуките се задоцнети со оглед на тоа дека помина цел месец откако беше прогласена епидемија, Демири кажа: „Мислам дека ова го организиравме пред две недели, ова е трета недела како сум министер, имајте го и ова во предвид. Не само на територија на Град Скопје, туку и во цела држава ќе барам засилени контроли и да се вакцинираат тие што не се вакцинирани. Има потпишано таква наредба за забрана за прием за цела држава.
Јас знам што е препорака на Комисија за заразни болести знам што е моја препорака, офиццијализацијата со документ е од денеска. Но, ние не фукциорнирамо само на писмено дадени наредби . Поодамна е пристапено, сум имал и јавни изјави дека треба да се вакцинираат деца, доволно е сензибилизирано и нема оправдување“.
Во Македонија до 7 март се регистрирани 173 болни од голема кашлица, од кои 151 во Скопје.
Б. НЕСТОРОСКА