Невладината организација Новинари за човекови права го отвори дневниот центар „Гнездо“ за деца во социјален ризик, деца жртви на семејно насилство, сиромашни, на улица, деца на родители-зависници.
Ова е прв центар од ваков тип во Македонија. Има градинка со капацитет од 16 деца, училница во која деца во ризик ќе учат во тешките моменти кога нема да можат да одат на училиште.
„Гнездо“ почнува со работа веднаш, веќе таму се вработени засега 4 стручни лица. Овој дневен центар ќе работи индивидуално, но ќе соработува и со Центарот за социјални работи (ЦСР) Скопје. ЦСР Скопје ги обезбеди бараките на почетокот на булевар Трета Македонска бригада спроти основното училиште „11 Октомври“. Директорот на ЦСР Скопје Хамза Амети и државниот секретар во Министерството за социјална политика Фатмир Сабриу свечено го отворија дневниот центар.
Внатре има топли и шарени простории, училница и опрема. Се е ново и многу убаво.
Дневниот центар „Гнездо“ е основан со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, а во соработка со невладината ЕКПАТ Австрија. Ќе функционира како безбеден и поддржувачки простор за најранливите категории граѓани, нудејќи психо-социјална помош, неформална едукација со посебен акцент на деца и млади, правно советување и дневна грижа.
На отворањето зборуваше аташето на Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија,Ж Харалд Бреза Фугер. Се одржа и добротворна аукција, за да се обезбедат дополнителни средства за функционирањето на центарот.
С. К. ДЕЛЕВСКА