Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе поднесе иницијатива до Собранието сите пратеници доброволно да направат тест за дрога.
„Бараме Собранието во понеделник, да овозможи услови и лекарски тим кој ќе може ова да го спроведе“, велат од пратеничката група за иницијативата за тест за дрога.
Тие предлагаат и другите политичари, актуелни и поранешни функционери, административни службеници, судии, обвинители, градоначалници и советници, да им се придружат во намерата и, како што велат, на граѓаните да им дадат добар пример во борбата против употребата на наркотични средства.
„Ги поттикнуваме сите вршители на јавни функции да го направат истото доброволно“, апелираат од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Од кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери велат дека тој нема да коментира изјави на пратенички групи.
„Во моментот кога во Кабинетот на ПСРСМ ќе стигне конретна Иницијатива, претседателот Џафери ќе ја разгледа, ќе се произнесе за неа и ќе постапи согласно надлежностите што му ги обезбедуваат Уставот, Деловникот и Законот за пратеници“, велат од кабинетот на Џафери.