Ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков не знае каде е неговиот прв братучед, исчезнатиот осуденик пратеникот и експремиер Никола Груевски, по кого полицијата трагаше цела ноќ зашто не е достапен да го прими упатниот налог за отслужување на двегодишната затворска казна во затворот Шутка.
Мијалков, на доаѓање на денешното рочиште за „Титаник 2“, каде што е обвинет дека влијаел на Мендух Тачи да го притисне тогашниот член на ДИК Бедредин Ибраими да гласа за да се прегласа регуларен прв круг на локалните избори во Струмица во 2013 година, на новинарско прашање дали знае каде е Груевски, кусо одговори: „Не знам кај е“.
Покрај Мијалков, Тачи и Ибраими, во овој случај на СЈО обвинети се уште три члена на тогашната ДИК, од ВМРО-ДПМНЕ.
С.К. ДЕЛЕВСКА