НИЕ ДЕНЕС ИМАМЕ СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ ШТО НЕМАМЕ ПРУГА ДО СРБИЈА, А ВО ТУРСКО ВРЕМЕ ОВДЕ ПОМИНУВАЛ „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, РЕЧЕ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ПО СРЕДБАТА СО ВУЧИЌ ВО „ПРОХОР ПЧИЊСКИ“

    НИЕ ДЕНЕС ИМАМЕ СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ ШТО НЕМАМЕ ПРУГА ДО СРБИЈА, А ВО ТУРСКО ВРЕМЕ ОВДЕ ПОМИНУВАЛ „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, РЕЧЕ СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ПО СРЕДБАТА СО ВУЧИЌ ВО „ПРОХОР ПЧИЊСКИ“Претседателката Сиљановска-Давкова беше пречекана од Вучиќ, по што двајцата претседатели, во придружба на митрополитот врањски Пахомије, го разгледаа манастирскиот комплекс. (Фото: СДК.МК)

    Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во манастирот „Прохор Пчински“ кажа дека со претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова разговарале за политички прашања, за проблемите и интересите на двете земји, но и за пругата до Солун. Тој ѝ беше домаќин на Сиљановска-Давкова, која го посети манастирот каде пред 80 години, на 2 август 1944,  е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ.

    „Ја искажав заинтересираноста на Србија да ја градиме пругата до Прешево, а они тие 190 километри, од Табановце до Гевгелија за да имаме брз пат до Солун, брза пруга и сметам дека тоа би било од исклучително значење“, рече Вучиќ.

    Претседателката Сиљановска-Давкова беше пречекана од Вучиќ, по што двајцата претседатели, во придружба на митрополитот врањски Пахомије, го разгледаа манастирскиот комплекс.

    „Односите ги нареков како невообичаено скандинавски на Балканот, бидејќи тоа што го направија Шведска, Данска, Норвешка за Естонија, Латвија, јас го почувствував овде. Сега ќе ве насмеам, но реков дека, ако за време на Отоманската империја овде одел ‘Ориент експрес’, ние денес имаме сериозен проблем. Пругата е прашање на Владата, ние овде имаме претставник од Владата, но сметам дека тоа е логично решение. Инспиративен е овој простор овде, прекрасен. Јас денес му се молам на Свети Илија да заврне дожд оти Републиката е во пламен“, кажа претседателката, додавајќи оти со Србија имаме добрососедски односи во вистинска смисла на зборот.

    „Убедена сум дека ако не се разбираме едни со други и ако не си помагаме, не можеме да очекуваме да бидеме разбрани од останатите. Затоа, треба да сториме с ѐда ги решаваме проблемите меѓу себе, да не дозволуваме на зелени маси да се решаваат, затоа што не случајно живееме едни крај други“, рече претседателката Сиљановска-Давкова, која се заблагодари и за помошта од Србија во гаснењето на пожарите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира