НИЕ НЕ СМЕ ПИШИ-БРИШИ, РЕАГИРААТ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ЗА ОДЛУКАТА НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО СЕЛСКИТЕ АМБУЛАНТИ ДА РАБОТАТ САМО СО ДОКТОРИ

    НИЕ НЕ СМЕ ПИШИ-БРИШИ, РЕАГИРААТ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ЗА ОДЛУКАТА НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО СЕЛСКИТЕ АМБУЛАНТИ ДА РАБОТАТ САМО СО ДОКТОРИБешлиоска (во средина) на вториот симпозиум на Друштвото на медицински сестри – инструментарки при ЗМСТАС „За нас“ на тема: „Тимската работа на инструментарките во кадаверичната трансплатација“. (Фото: ЗМСТАС)

    Медицинските сестри не се трошок, не се пиши-бриши и не се само бројки , рече денеска Гордана Бешлиоска, претседателка на  Унијата на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС) „За нас“ за одлуката на Фондот за здравствено осигурување  на Македонија (ФЗОМ), со која, во следните 24 месеци на доктори во мали места ќе им биде дозволено да продолжат да работат без медицински сестри.

    На 26 ноември, директорот на ФЗО Сашо Клековски и претседателката на Здружението на приватни лекари Лили Чолакова-Дервишова кажаа дека се договориле, заради спас на здравствените амбулати во руралните средини и малите места ќе има мерки кои треба да овозможат здравствена нега на граѓаните од овие места и опстанок на ординациите.

    „Ние нема да прифатиме ниту една ординација ниту за приоден период, ниту за 24 месеци, ниту за две минути да функционира без медицинска сестра. Медицинските сестри не смеат како професија на ваков лесен начин да бидат нерешени. Имате можност да го распишете конкурсот и да ги вработите како дел од јавниот здравствен систем. Се работи за осум ординации. Ако се работи за пациенти кои се помалку од две илјади, тоа се можеби над 8 илјади корисници на здравствени услуги во тој дел. Има начини и решенија со кои може на медицинските сестри достоинството да им биде задржано како што треба. Сметаме дека ова е непристоен предлог од Здружението на приватните лекари кој е атак на целокупното сестринска професија и на целокупниот здравствен систем“, рече Бешлиоска пред одржувањето на вториот симпозиум на Друштвото на медицински сестри – инструментарки при ЗМСТАС „За нас“ на тема: „Тимската работа на инструментарките во кадаверичната трансплатација“.

    Таа потенцираше дека е разочарувачки ставот на Здружението на приватните лекари од кој добиле впечаток дека, како што рече, медицинските сестри ги доживуваат како трошок.

    „Она што е многу разочарувачки е ставот на приватните лекари, односно на Здружението на приватните лекари каде добивме впечаток дека медицинските сестри ги доживуваат како трошок. Медицинските сестри не се трошок. Медицинските сестри се инвестиции и во нив треба да се инвестира , бидејќи инвестицијата во нив е инвестиција во здрава нација. Медицинските сестри не се пиши-бриши и не се само бројки. Пристапот не смее да биде таков – дека сме имале конкурси на кои не се пријавиле и да не бараме дополнителни други решенија“, кажа таа.

    Бешлиоска рече дека разговарале со Клековски и очекува да бидат повикани на средба наредната недела и потоа да го кажат својот став.

    „Тој апсолутно ја прифати нашата реакција и рече ќе обезбеди можност и термин за Унијата и здруженијата да се видиме и да ги понудиме нашите решенија за овие состојби за кои што тој пренесе дека се исклучително осетливи, затоа што во овие рурални средини наводно на повеќе распишаните конкурси немало појавување на медицински сестри. Меѓутоа, ние имаме решенија да ги понудиме од типот дека постојат разни услови и начини на кои тие конкурси можат да се обноват, па овие пациенти да не ги оставиме во овие средини без медицинските сестри кои фундаменталното ниво во професијата за испорака им е нормално напредување на здравјето, спречување на болестите, превенцијата и тоа е она кое што не смееме ние во превенирање на болестите да ги оставиме медицинските сестри. Впрочем, ние имаме искуство и од регионот и од Европа. Во овој момент сме во еден проект во кој што сакаме да го пресликаме од словенечкиот  проект и од образовен и други аспекти кој одговара на нашиот здравствен систем“, најави Бешлиоска.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира