Посредникот на Обединетите нации за спорот со името Метју Нимиц по пристигнувањето во Скопје веднаш замина на ручек во ресторан на Плоштад Македонија со поглед на споменикот на Александар Велики, кој официјално власта на ВМРО-ДПМНЕ го именуваше „Воин на коњ“ за да не биде сфатена погрешно од Грција дека има иредентистички претензии.
Нимиц кажа дека во Атина имал добри средби и се надева дека ќе има добри средби и тука, пренесе државната агенција МИА.
„Имавме добри средби во Атина. Се надеваме дека ќе имаме добри средби и тука. Се радувам на средбите во Владата и другите лидери во Скопје“, изјави Нимиц.
Според агендата на Нимиц, тој утре ќе се сретне со министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.
Официјална изјава е најавена по средбата со министерот Димитров.