Нотарот Насер Зибери, поранешен пратеник на Партијата за демократски просперитет која сега не постои, бивш министер во владата на Бранко Црвенковски и политички аналитичар, е натпартискиот кандидат на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) за прв Албанец премиер во Владата. ДУИ него денеска го промовираше во Преспа, со што истовремено партијата ја почна предизборната кампања.
„По интензивните консултации со граѓанското општество, со академскиот свет, со стручното и креативно мислење, стигнавме до обединувачко име на кандидатот за прв Албанец-премиер, а тоа е Насер Зибери. Тој ги има сите доблести да ја води извршната власт на земјата кон полна еднаквост“, кажа лидерот на ДУИ, Али Ахмети на конвенцијата.
Зибери раскажа како ја прифатил понудата од Ахмети, чија партија тој често ја критикуваше, особено кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ахмети ме извести дека се консултирал со многу почитувани луѓе, со граѓанското општество и академијата и оти моето име било меѓу номинираните како натпартиски кандидат. Искрено, бев изненаден и секако, се чувствував ценето“, рече Зибери.
С. К. ДЕЛЕВСКА