НОВ ЦЕНТАР ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ ОТВОРЕН ВО БОЛНИЦАТА ВО КОЧАНИ

    НОВ ЦЕНТАР ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ ОТВОРЕН ВО БОЛНИЦАТА ВО КОЧАНИВо Центарот ќе работат двајца психијатри, психолог и три медицински сестри. (Фото: МЗ)

    Центар за ментално здравје кој ќе работи 24 часа на ден, седум дена неделно се отвори денеска во рамки на Општа болница Кочани. За Центарот, со 15.000 евра комплетно е реновиран и опремен објект во рамки на болницата, а екипиран е со двајца психијатри, психолог и три медицински сестри. Пациентите во центарот ќе бидат упатувани со закажување преку системот Мој термин, кажа на отворањето министерот за здравство д-р Беким Сали.

    Центарот во Кочани е отворен во пресрет на Светскиот ден на ментално здравје, 10 октомври. Оваа година Светскиот ден на ментално здравје е посветен на темата „Да го направиме менталното здравје глобален приоритет за сите“. Со оваа тема се препознава потребата менталното здравје да биде ценето, унапредено и заштитено, бидејќи е неопходно за нашата добросостојба и е подеднакво важно како и физичкото здравје.

    Иако во последниот период е постигнат значаен напредок во областа на менталното здравје во Македонија, пандемијата со ковид-19 дополнително го оптовари здравствениот систем.

    „Пандемијата со ковид-19 создаде глобална криза со менталното здравје, поттикна краткорочен и долгорочен стрес и го наруши менталното здравје на милиони луѓе низ светот, вклучително и во Северна Македонија. Потребата да се подобрат услугите за ментално здравје сега е навистина очигледна. Со основање на овие центри и со зајакнување на грижата за ментално здравје во центрите што веќе се формирани, имаме можност да оствариме значаен напредок кон подобро ментално здравје за населението во Северна Македонија“, кажа д-р Ане Јохансен, специјален претставник и раководител на канцеларијата на СЗО.

    Д-р Стојан Бајрактаров, национален соработник со СЗО во областа на менталното здравје и претседател на Комисијата за ментално здравје при Министерството за здравство, кажа дека за жал, стигмата и дискриминацијата и натаму се пречка за општествена инклузија и пристап до соодветни услуги за ментално здравје.

    „Ги поттикнуваме сите да побараат помош доколку имаат потреба“, рече тој.

    Во Националната стратегија за унапредување на менталното здравје, предвидено е зајакнување на услугите за ментално здравје и натамошно отварање на нови центри низ државата. Еден од приоритетите е децентрализација на грижата за ментално здравје. Како што велат од Министерството за здравство, во претстојниот период со поддршка од агенциите на ОН, СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА фокусот ќе биде и на зајакнување на услугите за ментално здравје за деца и адолесценти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира