НОВИОТ АДВОКАТ ВО СУДЕЊЕТО НА ГРУЕВСКИ ЗА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“ КАЖАЛ ПРИ УВИД ДЕКА НЕ ЗНАЕ МАКЕДОНСКИ

    НОВИОТ АДВОКАТ ВО СУДЕЊЕТО НА ГРУЕВСКИ ЗА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“ КАЖАЛ ПРИ УВИД ДЕКА НЕ ЗНАЕ МАКЕДОНСКИНа 19 ноември продолжува судењето за „ТНТ“, кое е безмалку пред завршните зборови на обвинителството и на одбраната. - Од рушењето на „Космос“; Груевски на судење за „ТНТ“ (Фото: СДК.МК)

    По откажувањето на полномоштвото на адвокатот Димитар Дангов на обвинетата Елизабета Најдовска во случајот „ТНТ“ за одмаздничкото уривање на „Космос“ на 6 ноември, што се случува на самиот крај на ова судење, новиот адвокат Мерџан Даути, кој тврди дека не знае македонски, побарал увид во предметот, но не го направил тоа. Во „ТНТ“ првообвинет е азилантот во Унгарија Никола Груевски.

    Судијата Огнен Ставрев му даде рок од три дена за увид на Даути и тој дошол во Основниот суд Скопје 1. Кога му бил даден на увид предметот „ТНТ“, според извори од судот, тој рекол: „Па овде нема ништо на албански јазик“. Можел да побара судски преведувач, но не го направил тоа и си заминал.

    Нејасно е како Даути добил адвокатска лиценца и како положил правосуден испит на македонски јазик.

    Сомневањето кај Ставрев, кога одненадеж Најдовска го смени Дангов со Даути од Тетово, дека со со тоа се сака да се одолговлечи постапката на „ТНТ“ која е сведена на крајот, дојде и од фактот што уште при промената тој кажал дека не го знае македонскиот јазик кој е службен јазик. Место на македонски, полномошното тој на Најдовска ѝ го напишал на албански јазик, а таа го потпишала без да го разбере. Таа рече дека му верува на Даути и затоа го потпишала полномошното без да знае што е напишано.

    Уште на минатото рочиште, Советот на чело со судијата Ставрев виде дека Даути прифатил да го замени дотогашниот бранител Дангов (кој е бранител на избеганиот експремиер Никола Груевски во сите негови предмети во судот) и притоа да тврди дека не го знае македонскиот јазик. Сомневањата од судот се дека, за да се одолговлечи постапката, најверојатно новиот адвокат ќе се повика на Законот за употреба на јазиците и ќе бара да му биде преведен на албански целиот предмет, што би траело повеќе месеци.

    Но, Законот за адвокатура вели дека Даути го знае македонскиот јазик и затоа добил лиценца за адвокат. Во спротивно, лиценцата му е дадена незаконски и за тоа следува кривична одговорност на лицето во Адвокатската комора која му ја потпишало, односно издало.

    Членот 12 од Законот за адвокатура пропишува само кој може да добие лиценца и да се запише во Именикот на адвокатите, па како четврт услов се наведува: „Активно да го зборува македонскиот јазик“.

    Од таа причина, велат извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во Основниот суд Скопје 1, адвокатот на Груевски по службена должност, кој му беше назначен од судот по бегството во Унгарија пред точно една година, а кој исто така е Албанец, не прифатил тој да бара превод на предметот за незаконското уривање со експлозив на „Космос“ на Фијат Цаноски , по наредба на Груевски како тогашен премиер.

    На 19 ноември продолжува судењето за „ТНТ“, кое е безмалку пред завршните зборови на обвинителството и на одбраната. На новинарско прашање минатата недела, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев посочи дека завршува токму овој предмет. По неговата изјава, Најдовска реши пред самиот крај да смени адвокат и тоа лице кое тврди пред судот дека не го познава македонскиот јазик.

    Во предметот „ТНТ“, првообвинет е избеганиот во Унгарија експремиер Никола Груевски, кој, според обвинението и објавените бомби, нареди да му биде уништен со експлозив комплексот „Космос“ на Фиат Цаноски, затоа што во 2011 како лидер на ПЕИ и пратеник ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Ја прекина поради упадот на тогашната власт и затворањето на А1 Телевизија, која беше на неговиот сват Велија Рамковски. Во овој предмет обвинети се и Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика, Елизабета Најдовска и други обвинети од Општина Гази Баба.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира