Само ден откако се јави од Будимпешта бегалецот Никола Груевски, кој е пред пресуда за уривањето на „Космос“ на Фијат Цаноски, и да демантира дека прави финти со адвокат Албанец за да го закочи носењето пресуди, адвокатот Мерџан Даути потврди дека нема да се откаже од правото да бара превод на албански јазик на целиот предмет.
Утре треба да продолжи судењето за одмаздничкото уривање на големиот комплекс „Космос“ на Фијат Цаноски, од страна на Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски, Елисавета Најдовска и други нејзини колеги од Општина Гази Баба. Новиот адвокат на Најдовска, Мерџан Даути, со соопштение потврди дека побарал превод и оти ќе инсистира Основниот суд Скопје 1 да му преведе сè што било кажано од обвинителот, сведоците, одбраната досега за овие 2 години, сите материјални докази и слично, што би фатило повеќе од 6 месеци преведување. За тоа време, судење нема да има, ќе поминат 90 дена и тоа ќе треба да почне отпочеток, а тука веднаш е и опасноста од застарување на кривичните дела на обвинетите.
- НОВИОТ АДВОКАТ ВО СУДЕЊЕТО НА ГРУЕВСКИ ЗА РУШЕЊЕТО НА „КОСМОС“ КАЖАЛ ПРИ УВИД ДЕКА НЕ ЗНАЕ МАКЕДОНСКИ
- ФИНТА СО ПРОМЕНА НА АДВОКАТ НА САМИОТ КРАЈ ОД СУДЕЊЕТО ЗА ТНТ КОЕ ТРЕБАШЕ ДА ЗАВРШИ СЛЕДНИОТ МЕСЕЦ СО ПРЕСУДИ ЗА ГРУЕВСКИ И ЈАНАКИЕСКИ
„Јас како адвокат, а во согласност со прописите за адвокатурата, должен сум секогаш да постапувам во најдобар интерес на клиентот и да го почитувам принципот кој изречно нагласува дека помеѓу адвокатот и клиентот мора да постои однос на доверба. Принципите за дејствување во најдобар интерес на клиентот и принципот на доверба се темелот на адвокатската професија. Во таа смисла, адвокатот е и обврзан да ги користи сите законски механизми кои ќе му овозможат најдобра одбрана на клиентот и примарно ќе бидат во интерес на клиентот. Оттука, постапувањето на адвокатите не може неосновано да се „толкува“ дека има одредена цел бидејќи целта е да се даде професионална одбрана во согласност со законите и со Етичкиот кодекс на адвокатите“, вели Даути во соопштението.
Тој додава дека во таа насока е и неговата одбрана на клиентот Елисавета Најдовска во предметот „ТНТ“, но и на сите негови досегашни одбрани во судските постапки како адвокат.
„Точно е дека во овој случај јас поднесоците ги поднесов на македонски јазик и на албански јазик и точно е дека побарав доказните материјали да бидат преведени на албански јазик, но тоа е мое легитимно право во согласност со законодавството, а особено со Законот за употреба на јазиците. Во членот 9 од овој закон, меѓу другото, се пропишува дека во судските постапки покрај примената на македонскиот јазик се применува и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, односно албанскиот јазик. И покрај ваквата одредба, која е сосема јасна, јас во дел од постапка на 6.11 2019 година и го употребував македонскиот јазик, со што паѓаат во вода паушалните констатации дека наводно сум рекол дека не сум го говорел македонски јазик“, вели адвокатот.
Даути вели дека на 4.11.2019 година доставил поднесок на македонски и на албански јазик, со кој го известил судот за ангажирање на нов бранител на лицето Елисавета Најдовска, со барање за увид во списите на предметот и фотокопирање на истите списи и докази со превод на албански јазик.
„За одржувањето на рочиштето побарав симултан превод, но рочиштето се одложи за 19.11.2019 година поради немање услови. Претходно, на ден 6.11.2019 година на расправата говорев на македонски јазик. Следниот ден, на 7.11 2019 година забележав дека нема превод на албански јазик на доказниот материјал, па морав да го напуштам увидот само поради фактот дека доказниот материјал е обемен, но и без превод на албански јазик. Како и досега, јас и во овој случај јас ќе постапувам во согласност со законите и најдобриот интерес за мојот клиент, а за сите ’сомневања‘ и ’толкувања‘ повторно упатувам на позитивните законски прописи за јазиците, за постапките и за адвокатурата, каде што како темелна вредност е потенциран интересот на клиентот и довербата“, вели Даути.
С. К. ДЕЛЕВСКА