Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу го разрешил директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков од позицијата шеф на оперативниот штаб при МВР и сега со штабот раководи самиот министер, потврди помошник-министерот за односи со јавноста и за стратешки прашања, Јордан Ламановски
На денешната прес-конференција во МВР, Ламановски кажа и дека во полициската станица Гази Баба се приведени осум лица со кои сè уште се работи по вчерашниот напад на Собранието, во кој беа повредени над 100 пратеници, полицајци и цивили.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, побара оставка од Чавков и му порача да бега што подалеку.
„Министерот Нухиу кажа сè. Очекувам оставка од Митко Чавков веднаш и нека бега подалеку“, кажа Заев на денешната прес-конференција во седиштето на СДСМ.
Министерот Нухиу претходно кажа дека Чавков воопшто не бил достапен за него од почетокот на нападот на Собранието до 20 часот.