По официјалната покана за набљудување на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија на 5 јули 2020, и согласно својот мандат, Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) се подготвува да распореди Специјална мисија за оценка на изборите, соопшти Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
За таа цел, ОДИХР бара надворешни консултанти за пополнување на неколку позиции, како шеф на мисијата, заменик шеф на мисијата, политички аналитичар и други.
Како што се вели во огласот, кандидатите треба да бидат на располагање од 19 јуни 2020 и да бидат подготвени брзо да заминат. Мисијата ќе трае околу три недели, велат од ОБСЕ. Краен рок за пријавување е 16 јуни.
Ноќеска на полноќ истече последната вонредна состојба во Македонија и според владината уредба со законска сила од 21 март, од денеска продолжува спроведувањето на изборните дејствија, кои беа прекинати со уредбата. Според овие рокови, изборите треба да се одржат на 5 јули.