Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе обвинителен предлог против осум вработени во затворот „Скопје“, меѓу кои и поранешниот директор на установата Филип Андов, поради сомневање дека им овозможиле незаконски погодности на петмина осуденици.
Според обвинението, директорот и двајца полициски службеници се товарат за продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Еден од полицајците, заедно со уште петмина други, се обвинети и за Несовесно работење во службата.
Како што соопшти обвинителството, истрагата покажала дека во периодот од март до јули 2024 година, обвинетите свесно и со умисла им овозможиле на петмина осуденици поволности што не им следувале според судските одлуки. Тие организирале спровод на осудениците до нивните домови и други локации за приватни потреби, што е спротивно на пропишаните процедури за изнесување на лица лишени од слобода надвор од затворот.
Постапката првично беше отворена во февруари оваа година против десет лица, но за двајца од нив обвинението е повлечено поради недостаток на докази.