Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против 36 лица, по истрагата „Синдром“ започната во април годинава, соопштија од обвинителството. Тие се товарат дека како дел од две криминални групи посредувале и овозможувале незаконско стекнување со право на туѓа нега и инвалидска пензија, за што наплаќале од 150 до 5.000 евра.
Според обвинението, криминалните групи дејствувале во текот на 2023 и почетокот на 2024 година. Меѓу обвинетите има лекари, адвокат и службеници од повеќе јавни установи, кои ја користеле својата службена положба за да издаваат медицински мислења и одлуки во корист на барателите, заобиколувајќи ги законските процедури.
Десетмина од обвинетите се товарат за злосторничко здружување, давање поткуп и примање награда за противзаконито влијание. Петмина се обвинети за злосторничко здружување и примање поткуп, додека останатите 19 лица се обвинети за давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание.
Во досегашната постапка, 13 од обвинетите веќе склучиле спогодби со Обвинителството, врз основа на кои Основниот кривичен суд Скопје донел пресуди. Првообвинетата е осудена на затворска казна од три години и шест месеци, а одземени ѝ се и противправно стекнати 15.000 евра.
Останатите кои се спогодиле добиле условни затворски казни од една до две години, со рок на проверување од три до пет години. На дел од нив им е наложено да ја вратат имотната корист стекната со кривичното дело.
Со поднесувањето на обвинителниот акт, обвинителот побарал од судот да им бидат продолжени мерките за обезбедување на обвинетите, вклучувајќи притвор за пет лица, куќен притвор за петмина и мерки на претпазливост за останатите.