ОБВИНЕНИЕ ЗА СЕДУМ ЛИЦА ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ ВО РЕК БИТОЛА И ТРОЈЦА ОД БИРОТО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ЗА НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕ, ОШТЕТЕН БУЏЕТОТ ЗА 178 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

    ОБВИНЕНИЕ ЗА СЕДУМ ЛИЦА ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ ВО РЕК БИТОЛА И ТРОЈЦА ОД БИРОТО ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ ЗА НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕ, ОШТЕТЕН БУЏЕТОТ ЗА 178 МИЛИОНИ ДЕНАРИСпоред обвинението, тројца од обвинетите за злоупотреби, како членови на Стручна комисија за евалуација на понуди за ископ на јаловина во РЕК Битола, незаконски елиминирале понуда на еден економски оператор. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против седум лица кои се товарат за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, со што го оштетиле буџетот на АД ЕСМ-Подружница РЕК Битола за 178.370.319 денари. Истовремено, обвинение е поднесено и против три службени лица од Бирото за јавни набавки за кривично дело Несовесно работење во службата, поради пропуштање на должен надзор при контрола на постапка за јавна набавка.

    Според обвинението, тројца од обвинетите за злоупотреби, како членови на Стручна комисија за евалуација на понуди за ископ на јаловина во РЕК Битола, незаконски елиминирале понуда на еден економски оператор. Иако фирмата доставила докази за исполнување на техничките и професионалните услови од тендерот, комисијата ги оценила како неприфатливи и ја отфрлила понудата.

    На ваквото стручно мислење се надоврзале тројца членови на Комисијата за јавни набавки, кои спротивно на Законот за јавни набавки, на електронска аукција поканиле само два други понудувачи со повисоки цени од елиминираната фирма.

    Обвинетиот директор на РЕК Битола, и покрај тоа што предлогот бил спротивен на законот, го прифатил извештајот на Комисијата и на 3 октомври 2022 година склучил договор за ископ на јаловина во Рудникот Брод Гнеотино со фирмата „РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола“ во вредност од 708.000.000 денари со ДДВ. Дополнително, во септември 2023 година, директорот склучил и анекс на договорот, зголемувајќи ја вредноста на набавката за уште 20%, односно за 120.000.000 денари. Ова, според обвинителството, е направено спротивно на Законот за јавните набавки, бидејќи не била извршена дополнителна анализа на исплатливоста и не биле обезбедени потребните средства пред склучување на договорот.

    Службените лица од Бирото за јавни набавки, обвинети за несовесно работење, при увидот во документацијата требало да утврдат дека понудата на економскиот оператор била незаконски отфрлена. Наместо тоа, тие пропуштиле да го сторат тоа и дале инструкции на договорниот орган да ја продолжи постапката и да го склучи договорот.

    Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Битола доставил и предлог за одземање на противправно стекнатата имотна корист од 178.370.319 денари, која била исплатена на „РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола“. Овие средства, по барање на Обвинителството, се предмет на привремена мерка за обезбедување и се замрзнати до донесување на конечна пресуда.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира