Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против шест лица, кои се товарат дека како дел од злосторничка група фалсификувале и пуштале во оптек лажни евро банкноти.
Според обвинението, групата била организирана од првообвинетиот, кој од крајот на 2023 до февруари 2025 година на територијата на Македонија и Србија создал мрежа во која членувале обвинетите македонски државјани, како и шестмина српски државјани против кои постапката се води во Србија.
Првообвинетиот набавувал и поседувал опрема за правење лажни банкноти во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра. Фалсификуваните пари потоа биле дистрибуирани и продавани на купувачи во Србија по цена која се движела од 25 до 30 проценти од нивната номинална вредност. Во групата, шестообвинетиот имал улога неовластено да изработува и одржува машини и делови за производство на лажните пари.
Истрагата утврдила дека во периодот од јуни 2024 до јануари 2025 година, групата успеала да продаде 114.150 фалсификувани евра, за што наплатила 42.400 вистински евра.
Петмина од обвинетите се товарат за кривично дело Фалсификување пари, додека организаторот и уште едно лице дополнително се обвинети и за Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување.
Со поднесениот обвинителен акт, Обвинителството побарало и продолжување на мерката притвор за обвинетите.