Случајот „Титаник 3“ на СЈО, кој заглави бидејќи државата не го обезбеди клучниот сведок Р. Б. да дојде од Германија, зовре пред крајот. Судијката Оља Ристова рече дека државните органи во кои спаѓаат и судот и Министерството за правда, а особено СЈО не вложиле доволно напор да обезбедат адресни податоци на сведокот, која е мажена и живее во Германија. Таа рече и дека ќе испрати уште една замолница и ургенција до Министерството за овој сведок да биде донесен на судењето.
Само што го закажа продолжението на судењето судијката Ристова за 22 февруари, адвокатот на обвинетиот Ејуп Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ, им се обрати на обвинителите од СЈО Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи и рече дека одбраната е поревносна од нив и дека до судот доставила венчаница со адресата на сведокот, а дека СЈО ништо не прави во врска со тоа.
Тогаш, Бубевски му рече: „Да, да, вие сте подобри од нас, секако“.
Адвокатот Мефаил Арслани му одговори: „Да, подобри сме, секако“.
Бубевски искоментира: „Да, добри сте и кога ми се заканувате.“
„Кој ви се заканувал“, праша адвокатот.
Тогаш, Фетаи му рече на адвокатот: „Па ти беше тој што ми ја пренесе заканата дека ’ти си наша, ти може лесно да поминеш, ама на тој каурот ќе му ја расплачеме фамилијата’“.
Адвокатот негираше гласно, а во таа вжештена атмосфера ништо не кажаа обвинетите Алими и Исмет Гури.
Одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, Бубевски рече дека нема да ги пријави заканите, а посебно не кога некој ги упатува од очај.
Гури и Алими се обвинети дека ги преправале записниците од гласањето на локалните избори во Чаир во 2013 година. Досега на судењето беа сослушани 40-тина сведоци. За СЈО ова е најчистиот случај што го има, најпоткрепен со изјави, додека за одбраната нема докази за вина на обвинетите и поради тоа на минатото рочиште се откажаа од правото обвинетите да дадат одбрана пред судот.
За 22 февруари се очекува да биде обезбеден сведокот и со тоа судот јасно кажа дека изјавата на сведокот дадена во истрагата нема да се чита, туку ќе се оди на физичко обезбедување на клучниот сведок.
С. К. ДЕЛЕВСКА