Државниот обвинител Љубомир Јовески смета дека судските пресуди за недозволено држење оружје во земјава се благи, многу ниски, но причината не ја наоѓа само во судовите, туку и кај обвинителите, од кои бара кога поднесуваат обвиненија да бараат високи казни. Ако не успеат во прв степен, тој бара од вишите јавни обвинители ниските казни да ги коригираат со барање повисоки во апелационите судови.
„Барам од сите јавни обвинители во државава, при постапувањето да инсистираат на построги кривични санкции за кривичното дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Заострувањето на казнената политика мора да се одразува во постапувањето најпрвин на основните јавни обвинителства, кои треба да внимаваат висината на санкцијата за вакви кривични дела да се движи во рамките на законски определниот распон без можност за алтернативна мерка. Покрај ова, вишите јавни обвинителства, во случаите на определена блага санкција со првостепените пресуди, мора да се обидуваат преку постапките во втор степен да издејствуваат повисоки казни“, има впечаток Јовески дека пиштолџиите лесно поминуваат пред органите на прогонот.
Повод за повикот за повисоки казни за овие кривични дела, се трагедиите во Србија, каде за два дена беа убиени 17 деца и млади луѓе во два масакра, а беа тешко ранети десетици жртви.
„Трагедиите со кои се соочува српското општество се аларм и за нас како орган на кривичниот прогон и нè принудуваат како институции да се мобилизираме за што поефикасна контрола на оружјето и во нашата земја“, смета Јовески и уште еднаш подвлекува дека не смее да има ублажување казни за нелегално носење и користење оружје воопшто.
Исто така, тој нагласи дека трендот на намалување на возрасната граница на сторители на тешки кривични дела го забележуваме и во постапувањето во Македонија, па оттаму бара обвинителството да биде вклучено во евентуална измена на законските одредби во таа насока.
Според податоците на МВР, во државата легално се регистрирани околу 180.000 парчиња оружје, а согласно законските одредби предвидено е со една дозвола за оружје да се регистрираат најмногу 10 парчиња оружје. Уште е во тек постапката за пререгистрација на оружјето од стари во нови дозволи, што треба да заврши заклучно со 4 јуни годинава. Нема податоци за количеството нелегално оружје.
С. К. ДЕЛЕВСКА