Сите обвинители кои се пријавиле на актуелните конкурси за унапредување или за место во Обвинителството за организиран криминал, со оценувањето спроведено од Вишите јавни обвинителства во Скопје, Гостивар, Битола и Штип, добиле оценка задоволителен, или петки. Станува збор за 40-тина обвинители од основните јавните обвинителства.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, кој веројатно не е запознаен со веста, упорно очекува обвинителите, исто како и судиите, да се саморасчистат без интервенција од Владата или од законодавната власт. Тоа тој го апелираше и денеска, во интервју на „Утрински брифинг“.
„Додека во Судскиот совет има десетина разрешувања според новиот законски пакет од 2019 година, во Советот на јавни обвинители, дури и кај некои еклатантни примери, нема никакво постапување. Тоа е работа на Советот на јавни обвинители, Владата не смее да се меша. Но, јавноста, треба да се замеша. Неопходно е, повторувам во секоја прилика, обвинителите и судиите сами да си ги прочистат своите редови, врз основа на критериуми и методологии кои сами си ги дефинираа“, се очекувањата на министерот за правда Маричиќ..
Маричиќ толку е убеден дека обвинителите, односно Советот на јавни обвинители, ќе ги утврди колегите што не си ја извршуваат стручно својата функција, што вели:
„Немало политичка волја досега обвинителството да си го расчисти својот двор од неспособни кадри. Но, сега може со јасни критериуми и индикатори, без чистки, со јасни индикатори со кои се оценуваат судиите и обвинителите, може да се добие резултат“.
Извештаи и оценување за работата на обвинителите, според новиот Закон за јавно обвинителство, ќе се врши на секои 6 месеци. Оценување за овие луѓе кои водат тајни истраги и застапуваат обвиненија на суд, според Законот, ќе се врши на секои четири години.
Во Јавното обвинителство на Македонија ни рекоа дека периодичните и крајните оценки не се конечни, секој обвинител може да си поднесе приговор.
С. К. ДЕЛЕВСКА