Обвинителката Вилма Русковска е новиот шеф на Обвинителството за организирaн криминал и корупција. Ова обвинителство повеќе месеци имаше назначено вршител на должноста, а тоа беше обвинителката Гордана Самаќоска.
Русковска го застапува обвинението за организираниот напад на Собранието на 27 април лани. Таа засега за овој настан има обвинето 33 лица, а веќе најави и проширување на истрагата. Таа вели дека сè уште се води предистрага за нарачателите, односно главните осмислувачи и организатори на крвавите настани при нападот на Парламентот.
Советот на јавни обвинители денеска, покрај Русковска за шеф на Вишо обвинителство Скопје го избра Мустафа Хајрулахи. За шеф на Вишо обвинителство Гостивар го избра Ислам Абази, а за главен обвинител на ОЈО Велес обвинителката Гордана Тодорова. Елизабета Мишева е избрана за прв обвинител на ОЈО Кавадарци, а Лиле Талевска на ОЈО Битола.
Пред 27 април, Русковска од големите случаи го водеше „Диво Насеље“, обвинение кое заврши со осудителни пресуди.
С. К. ДЕЛЕВСКА