Родителите на убиените деца кај Смиљковско езеро побараа да се пушти изјава на тогашниот премиер Зоран Заев на собраниска говорница во 2018 година, на денешното судење за „Монструм“. Но, тоа најверојатно ќе се случи на 3 февруари, за кога треба да се обезбеди снимка од Собранието од тој говор на Заев.
Обвинителот Гаврил Бубевски денеска побара како дополнителни сведоци да бидат повикани Звонко Костовски и Зоран Заев, во врска со начинот на кој ги добиле прислушуваните разговори во врска со петкратното убиство. Потоа, Зоран Трајковски, како лице кое нешто би можело да знае во врска со убиството и Зоран Велковски, пријавителот на настанот.
Родителите на убиените момчиња го предложија за дополнителен сведок Синиша Алексовски, соработникот на Ѓорге Иванов, а обвинетите побараа да сведочат момче и девојка „алфи“ од МВР кои први дошле на местото на злосторството.
Судот ги прифати сите овие предлози.
С. К. ДЕЛЕВСКА