Јавното обвинителство во предистражна постапка испитува кривична одговорност кај поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски кај кого се затекнати 57 одамна завршени, како и непотпишани предмети поради кои странките претрпеле штета во однос на разумен рок на судењата, како и за неостварување на нивните права со чувањето на нивните предмети во фиока.
Се испитуваат и причините зошто на пример четворица врховни судии од петчлениот кривичен совет ставиле потписи на заглавените предмети, а еден не и кои се тие врховни судии што блокирале.
Јавното обвинителство бара евентуална одговорност и кај административната служба за непостапување по фатените предмети во канцеларијата на Вангеловски.
Меѓу тие предмети има и такви од 2015, 2016 и 2017 година. Има и од 2018 и 2019. Оштетените странки ќе имаат право на отштета.
Претседателот на Судскиот совет Киро Здравев побара акција не само од Обвинителството, туку и од Антикорупциската комисија преку имотната состојба, за да се види дали Вангеловски и непотпишаните врховни судии, го правеле тоа за пари.
Обвинителството испитува индиции за злоупотреба на службената положба, несовесното работење во службата и попречување на правдата од страна на Вангеловски и евентуално од врховни судии кои со години не ги потпишувале предметите и поради тоа пресудите не се објавувале.
С. К. ДЕЛЕВСКА