ОБВИНИТЕЛСТВОТО НА МОНАКО СЕ ВКЛУЧИ ВО ИСТРАГАТА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ КОНЦЕСИИ ЗА ДИЈАЛИЗА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО НА МОНАКО СЕ ВКЛУЧИ ВО ИСТРАГАТА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ КОНЦЕСИИ ЗА ДИЈАЛИЗАОд Обвинителството велат и дека постоел и основ на сомнение во врска со одлуката за утврдување на референтна цена за хемодијализен третман. - Јавно обвинителство (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството за организиран криминал и корупција добило официјално известување од Обвинителството на Кнежеството Монако дека ќе му биде испратена целокупната документација која е поврзана со предметот за доделување на концесијата за центрите за дијализа во Македонија, кој се истражува.

    „Обвинителството од Монако потврди дека судија претседавач на Судот во прва инстанца на Кнежеството постапил по барањето за привремено замрзнување на банкарска сметка. Во рамките на постапката во предметот за доделување на концесијата за центрите за дијализа во Македонија, беше утврдено дека правното лице – концесионер на центрите за дијализа е продадено“, наведува ОЈО за организиран криминал.

    Парите од продажбата, во износ од 8.281.000 евра, беа префрлени на сметка во Монако. Организиран криминал се обрати до властите во оваа држава, со барање за нивно замрзнување, додека 3.275.000 евра се замрзнати на сметки во банки во Република Македонија. На 24.11.2018 година организиран криминал го достави барањето до Кнежевството Монако да ги запре извршувањето на финансиски трансакции на сметките на кои се префрлени пари од продажбата на концесионерот на центри за дијализа во Македонија.

    Извори од обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК тогаш потврдија дека побараното блокирање на сметките е во врска со фирмата „Диамед Македонија“, бидејќи обвинителството дознало дека на почетокот на месецот таа била продадена на друга фирма, а парите од продажбата биле префрлени на сметки во Монако. Познатата шведска фирма „Диаверум“, која работи со бубрежно болни лица, на почетокот на ноември соопшти дека ја купила фирмата „Диамед Македонија“. „Диамед Македонија“ работи со девет центри за дијализа од 2010 година, кога го доби тендерот за концесионирање на 20 години.

    Останатите центри за дијализа ги доби фирма на бизнисменот Орце Камчев, сопственик на „Орка Холдинг“. Двете фирми кои стопанисуваат со центрите за дијализа, парите ги добиваат од Фондот за здравствено осигурување. На 29 октомври Обвинителството за организиран криминал и корупција отвори предмет во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во земјава.

    „Следејќи ги реакциите на ‘Нефрон’ – Здружение за бубрежно болни граѓани и написите на одредени медиуми кои укажуваат на низа недоследности при спроведување на постапката по Огласот за доделување концесии на центрите за вршење дијализа, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оцени дека постои основ на сомнение што треба да се провери. Сомненијата укажуваат дека постапката е спроведена на нетранспарентен начин со индиректно фаворизирање на правни и физички лица при што познати меѓународни провајдери со големо искуство се ставени во подредена положба“, соопшти тогаш Обвинителството за организиран криминал.

    Од Обвинителството додаваат и дека воедно, постоел и основ на сомнение во врска со одлуката за утврдување на референтна цена за хемодијализен третман согласно упатството за начинот на вршење на здравствената дејност која се однесува на лекувањето со дијализа, со која што референтната цена на чинење на пакетот за хемодијализен третман кај хронична бубрежна инсуфициенција е зголемена од 4.855 денари на 5.400 денари.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари