ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДЗЕЛО БРЕНДИРАНА ОБЛЕКА, НАКИТ И ЧАСОВНИЦИ КАКО ДОКАЗЕН МАТЕРИЈАЛ ПРИ ПРЕТРЕСОТ НА ДОМОТ И КАНЦЕЛАРИЈАТА НА БОКИ 13

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОДЗЕЛО БРЕНДИРАНА ОБЛЕКА, НАКИТ И ЧАСОВНИЦИ КАКО ДОКАЗЕН МАТЕРИЈАЛ ПРИ ПРЕТРЕСОТ НА ДОМОТ И КАНЦЕЛАРИЈАТА НА БОКИ 13Боки 13 беше уапсен вчера при обид да ја напушти државата на граничниот премин „Богородица“, а ноќеска му беше одредена мерка притвор од 30 дена. - Од Инстаграм профилот на Бојан Јовановски

    Меѓу одземените предмети, покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле Бојан Јовановски – Боки 13 и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела, соопшти Обвинителството за организиран криминал и корупција по претресите во домот на неговите родители и неговата канцеларија за прибирање материјални доказни поврзани со истрагата за изнудување пари.

    „Извршени се претреси во домот на родителите на првоосомничениот, во станот каде што престојувал, како и во просторијата што ја користел во едно правно лице, воедно извршен е претрес и во домот на второосомничениот, како и во возилата што ги управувале. При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела“, се вели во соопштението.

    Од второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец, одземени се повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички , како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола.

    Од Обвинителството за организиран криминал велат дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица, за кои излегоа шпекулации во јавноста дека се повикани на информативен разговор во насока на расветлување на случајот.

    Боки 13 беше уапсен вчера при обид да ја напушти државата на граничниот премин „Богородица“, а ноќеска му беше одредена мерка притвор од 30 дена. Тој е осомничен дека изнудил 1,5 милиони евра од лице под истрага, тргувајќи со влијание врз јавен обвинител, а осомничен е и за перење пари, затоа што изнудените пари ги трошел како легално стекнати на облека и одмори.

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира