30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА БОКИ 13, ОСОМНИЧЕН ЗА ИЗНУДА НА 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА И ПЕРЕЊЕ ПАРИ

    30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА БОКИ 13, ОСОМНИЧЕН ЗА ИЗНУДА НА 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА И ПЕРЕЊЕ ПАРИБојан Јовановски денеска беше уапсен на граничниот премин „Богородица“, а е осомничен дека тргувал со влијание и убедувал луѓе кои се дел од истражна постапка, дека е моќен кај јавен обвинител и може да влијае кај него да се запре кривичната постапка (Фото: Инстаграм/Бојан Јовановски)

    Судија на претходна постапка одреди мерка притвор од 30 дена за Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, осомничени за примање поткуп и перење пари во истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Двајцата вечерва со полициска придружба беа спроведени во затворот во Шутка.

    „По произнесување на спроведените лица и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот на Обвинителството, судија на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и донесе решенија со кои на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена со оглед да смета дека се исполнети условите од член 165 ст. 1 точки 1,2 и 3 од ЗКП. Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет“, се вели во соопштението на Кривичен суд.

    Јовановски и Милевски вчера без уапсени како осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари. Двајцата осомничени тргувале со влијание и убедувале луѓе кои се дел од истражна постапка, дека се моќни кај јавен обвинител. Јовановски од лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок, побарал 8 милиони евра, за да се запре кривичната постапка против него. Од сведокот добил 1,5 милиони евра, а останатите побарани пари требало да ги добие на месечни рати.

    Обвинителството за организиран криминал вечерва ѝ одзеде мобилен телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева, за информации во врска истрагата. Јанева денеска депонираше оставка.

    На денешната прес-конференцијата обвинителите Вилма Рускоска и Љубомир Јовевски не сакаа да кажат за кој јавен обвинител станува збор во случајот, односно чии име се употребувало за да се изнудат пари. Рекоа дека за него не се води постапка, но доколку имаат дополнителни докази истрагата ќе се прошири.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари