Јавното обвинителство на Македонија оформи предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и испитување на кривична одговорност кај повеќе лица кои преку коментари на социјалната мрежа Фејсбук упатија сериозни закани кон новинарот и уредник во Канал 5 Телевизија Александар Видиновски, за непрописно паркираните дипломатски возила пред Бугарската амбасада во Скопје.
Обвинителството ги има сите коментари под видеото за непрописното паркирање.
„Коментарите биле објавени под видео прилог на новинарот кој се однесува на непрописно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост. Имајќи во вид дека во конкретниов случај станува збор за новинар и уредник кој врши дејност од јавен интерес и професионални задачи, предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје со цел да преземе дејствија за испитување на индициите за евентуално постоење на елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност“, наведува Обвинителството.
За случајот остро реагираше и го осуди Здружението на новинари на Македонија, кое поднесе пријава до МВР.
„Пораките со навредлива, шовинистичка и содржина која содржи омраза, како и директните закани по живот (‘смрт за вас’), претставуваат сериозно кршење на правото на слобода на изразување и директна закана по безбедноста на новинарот. Ваквите напади имаат за цел да извршат притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес“, кажа ЗНМ.
С. К. ДЕЛЕВСКА



