Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ОД Нова Година се префрла во дел од зградата на поранешниот Државен архив, спроти Младинскиот културен центар во Скопје.
Со пари од амбасадата на САД, за првпат ОЈО за гонење корупција изгради своја форензичка лабораторија за вештачење на мобилни телефони и компјутери.
Досега вештачењата им ги работеше МВР во една лабораторија за цела Македонија, па ова Обвинителство имаше проблем со итноста. Од друга страна, според обвинителите од организиран криминал, се случувало и да протечат информации од овие вештачења, а притоа да не може да се утврди од кого. Сега, велат дека ако нешто излезе од вештачењата, ќе се знае точно и од кого, бидејќи мобилните телефони и компјутерите во отворените постапки, ќе се носат директно во форензичката лабораторија на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Делот кај што се сели ова обвинителство е целосно реновиран и прилагоден за неговите потреби.
Државниот обвинител Љубомир Јовески и основниот јавен обвинител на ОЈОГОКК Ислам Абази вчера извршиле проверка на зградата.
Во објектот на приземје и два ката, покрај работните простории за јавните обвинители и стручната служба, има посебен дел каде што ќе биде сместен Истражниот центар на ОЈОГОКК, сала за сослушување на деца-жртви и заштитени сведоци, како и конференциска сала.
Објектот е опремен преку Инструментот за претпристапна помош н ЕУ (ИПА), а дел од опремата и мебелот се преземени и од поранешното Специјално јавно обвинителство. Во новите простории на ОЈОГОКК ќе биде сместена и современа форензичка лабораторија опремена со поддршка на Амбасадата на САД.
Со одлуки на Владата во 2012 и во 2021 година, делот од поранешната зграда на Државниот архив му беше доделен на трајно користење на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Градежните работи за реконструкција и адаптација на објектот започнаа во 2016 година, но кон крајот на 2022 година конечно беа спроведени сите активности за обезбедување на потребна документација за спроведување на јавна набавка за градежни активности неопходни за непречено преселување на обвинителството во новите простории.
С. К. ДЕЛЕВСКА