СЕЗОНСКИ И ВРЕМЕНО ВРАБОТЕНИТЕ СТУДЕНТИ, ПЕНЗИОНЕРИ И СТРАНЦИ ЌЕ БИДАТ ЗАШТИТЕНИ СО ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНО АНГАЖИРАЊЕ КОЈ ВАЖИ ОД 1 ЈАНУАРИ

    СЕЗОНСКИ И ВРЕМЕНО ВРАБОТЕНИТЕ СТУДЕНТИ, ПЕНЗИОНЕРИ И СТРАНЦИ ЌЕ БИДАТ ЗАШТИТЕНИ СО ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНО АНГАЖИРАЊЕ КОЈ ВАЖИ ОД 1 ЈАНУАРИГерманската амбасадорка Петра Дрекслер и министерот Дурмиши на денешната презентација на Законот во Владата. (Фото: Влада на РСМ)

    Законот за работно ангажирање на лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026, носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите, изјави денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши на презентацијата на Законот.

    Со дополнувањата на Законот, кој беше усвоен во мај во Собранието, работно ангажирано лице може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот, како и странец кој има регулиран престој согласно закон.

    Новите правила овозможуваат ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем.

    Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде сивата економија е најизразена – земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата. Очекувањата се за формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица.

    „Тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел имплементацијата на законот да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Формализацијата на сивата економија е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците“, кажа министерот Дурмиши.

    Министерството за економија и труд досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека дел од лицата остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа е донесен овој закон, рече Дурмиши, кој претставува суштинска реформа во повременото и сезонското ангажирање на работна сила.

    Изработката на овој закон беше поддржана од проектот „Подобри услови за вработување за сезонските работници во Северна Македонија“, финансиран од Германското федерално министерство за економска соработка (БМЗ) и спроведен од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира