Од 13 до 16 јули во Македонија ќе важат повеќе препораки за заштита на здравјето на граѓаните, поради високите температури кои се очекуваат, соопшти Владата. Според Министерството за здравство, по добиени информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, од утре, 13 јули, сите региони во државата: Скопскиот, Осоговско-Малешевскиот, Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза.
Меѓу препораките на Владата се:
- Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
- Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
- Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
- Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
- Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници.
Според препораките од Министерството за здравство, граѓаните не треба да се изложуваат директно на сонце од 10 до 15 часот, да носат лесна облека, капа или шешир, како и крема со заштитен фактор.