ОД 23 АВГУСТ ДО 11 СЕПТЕМВРИ ЌЕ ИМА ЈАВЕН УВИД ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

    ОД 23 АВГУСТ ДО 11 СЕПТЕМВРИ ЌЕ ИМА ЈАВЕН УВИД ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИБарањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември. (Фото: СДК.МК)

    На 23 август почнува почнува јавниот увид во Избирачкиот список за Локалните избори закажани за 19 октомври, кој трае 20 дена односно до 11 септември на полноќ. Најдоцна на 3 октомври Државната изборна комисија (ДИК) треба да го потпише заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа.

    Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список што е ставен на јавен увид се поднесуваат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК. Со барањето се приложуваат и потребните докази. Барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список се поднесуваат во периодот од 23 август до 11 септември.

    Увид во Избирачкиот список им се овозможува и на затворениците. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците во посебните изводи од Избирачкиот список за време на јавниот увид, лицата во притвор или во затвор го поднесуваат преку органот надлежен за извршување на санкциите до ДИК, од 23 август до 11 септември.

    ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд решава во рок од 24 часа и одлуката веднаш му ja доставува на тужителот по електронски пат. Правосилното решение на Управниот суд донесено по тужбата за запишување, промена и бришење е составен дел на потпишаниот Избирачки список од страна на ДИК.

    Барањето за доставување на Избирачкиот список политичките партии го доставуваат до ДИК по електронски пат, најдоцна на 11 септември. ДИК во рок од три дена (најдоцна на 14 септември) од денот на завршување на јавниот увид, избирачкиот список го доставува до политичките партии кои доставиле барање до денот на завршување на јавниот увид.
    Политичките партии во рок од пет дена од денот на приемот на избирачкиот список до ДИК (најдоцна на 19 септември) доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци.

    ДИК по поднесеното барање одлучува со решение во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето, согласно Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список.Против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.

    Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид на 12 септември доставува листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по било кој основ од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

    Органот надлежен за извршување на санкциите, најдоцна 30 дена пред денот определен за избори доставува податоци за лицата кои се во притвор или се наоѓаат на издржување казна затвор врз основа на евиденцијата што ја води овој орган до ДИК. Податоците се доставуваат на магнетен медиум и задолжително го содржат единствениот матичен број на граѓанинот (ЕМБГ), најдоцна на 18 септември.

    Министерството за социјална политика, демографија и млади најдоцна 30 дена пред денот определен за избори, врз основа на сопствена евиденција и врз основа на доставените податоци од одговорните лица во установите за вонсемејно згрижување, до ДИК доставува податоци за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување, најдоцна на 18 септември.

    Основните судови до ДИК доставуваат податоци за лицата на кои со правосилна судска одлука им е целосно одземена деловната способност или делумно одземена деловна способност, при што судот утврдил дека лицето нема способност да изрази правно релевантна волја на избори и податоци за лицата на кои им е изречена мерката притвор, најдоцна до 18 септември.

    Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, ДИК го заклучува најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид, најдоцна на 26 септември. ДИК го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна 15 дена пред денот на одржувањето на изборите односно најдоцна на 3 октомври.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира