На депонијата Дрисла во тек е изградба на печка за уништување отпад и континуирано се работи на дозволи за некои фабрики, а некои веќе се градат и за некој месец ќе бидат пуштени во употреба. Вака реагираа од Дрисла на текстот објавен на САКАМДАКАЖАМ.МК под наслов „Италијанците ветија струја од ѓубре во Дрисла, а 4 години не инвестирале ништо“.
Во текстот стои дека ѓубрето се третира безмалку на ист начин како и пред депонијата да добие концесионер, а модернизацијата на начинот на уништување и преработувањето на отпадот останаа само на ниво на ветувања. Директорот Горан Ангелов, одговарајќи на обвинувањата дека на Дрисла работат шест нови печки кои се причина за загадувањето во Скопје, рече дека на депонијата работи само една печка, добиена како подарок од Кралството Велика Британија во 2000 година.
Од депонијата испратија дополнително објаснување зошто се уште не се реализирани најавените проекти за модернизација.
„За да се направи нешто, поготово толку големо како што се фабрики за третирање на отпад кои чинат повеќе од 70 милиони евра, потребен е долг процес, започнувајќи од доставување на документации до надлежни институции во државата, изработка на проекти, студии и елаборати, како и нивно одобрување повторно од надлежни институции, добивање на дозволи за градба, како и вршење на подготвителни работи пред финалното поставување на фабриките, а за што е потребно доста време, што значи дека сето ова не зависи само од концесионерите кои треба да вложат т.е. изградат фабрики, туку претходно треба да се завршат сите овие административни работи, како и подготовки на самото место каде ќе се постават фабриките. Не може да се гради без сите претходно наведени процедури. За овие 4 години се работеше на сето ова и се уште се работи, а за да се направи и ова досега потребни се доста финансиски средства“, дообјаснуваат од Дрисла.
Концесионерот „ФЦЛ Амбиенте“ кога на повторен тендер ја доби Дрисла во 2013 година најави дека на депонијата ќе инвестира 73 милиони евра со кои ќе се изградат фабрики за уништување и преработка на отпадот кои вклучуваат и селекција на хартија, стакло, пластика и метал, користење на исцедокот од отпадот за производство на ѓубриво како и производство на струја од ѓубрето.
Град Скопје мораше да го повтори тендерот за избор на концесионер оти второпласираната фирма на првиот тендер, германската „Шолц“ го тужеше Град Скопје поради нерегуларниот избор. Управниот суд во 2012 година ја уважи тужбата на Германците, го поништи изборот на Италијанците за концесионери на Дрисла и донесе одлука Град Скопје да ја повори постапката за избор.
Управниот суд утврди погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба во постапката, непостапување по правилата на управна постапка и Законот за концесии и погрешна примена на материјалното право.
Град Скопје го повтори тендерот, но пак ги избра Италијанците како најдобри понудувачи. „ФЦЛ Амбиенте“ во 2013 година беше новоформирана фирма со минимален влог, но на тендерот аплицираше како конзорциум со италијанската фирма „Униеко“ која има неколкудецениско искуство во управување со отпад и градежништво. За да покажат дека се сериозни во намерите да ја модернизираат Дрисла, Италијанците летото 2013 година наполнија цел авион новинари и вработени во градската администрација и ги однесоа во Италија. Но посетата се сведе само на фабрика за производство на гас која не е сопственост ниту на „ФЦЛ Амбиенте“, ниту на „Униеко“. Гостите од Македонија воопшто не беа однесени на некоја од депониите со кои стопанисува концесионерот кој ја доби Дрисла.
С. ДАРУДОВА