Иако за две години Град Скопје одобрува 97 илјади евра за менструални средства за средношколките, девојчињата сѐ уште немаат добиено бесплатни средства за менструална хигиена, а градоначалничката Данела Арсовска во Женева кажува дека им се обезбедени бесплатни влошки, вели Наташа Доковска, програмска директорка на Здружението Новинари за човекови права, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Подкастот може да го погледнете тука:
Изминативе години, Доковска како и други невладини организации и здруженија постојано истражуваа и апелираа до институциите дека на товар на државниот буџет треба да има бесплатни менструални производи за ученичките во основните и средни училишта, а да бидат достапни и во јавните тоалети низ земјава.
На крајот на декември 2021, беше прифатен амандманот на советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ДОМ Теодора Крстевска, со кој средношколките во училиштата во Скопје под надлежност на Градот ќе добиваат бесплатни менструални производи. Во буџетот за 2022 за оваа намена беа предвидени 2 милиони денари (32.000 евра). Ниту во 2022, ниту во 2023 година средношколките од Скопје не добија бесплатни менстрални производи. Иако со буџетот на Градот за 2023 година за оваа намена беа предвидени 4 милиони денари (65.000 евра), средствата не се префрлија ниту се спроведе проектот.
„Град Скопје треба да оддели 1 процент од буџетот за да ги опфати сите девојчиња во средни училишта. Градоначалничката смета дека немаат потреба. Одговорот од Секторот за образование е: ‘Не можеме ние да им даваме бесплатни менструални производи на девојчињата шти имаат пари. Сега ние ќе направиме анализа да видиме кои имаат кои немаат пари, па така ќе им делиме’. Која е таа дискриминација? Градот ги одобрува средствата, но кога ќе дојде август ги алицираат. Никогаш не разбравме каде одат парите. Јас присуствував на состанок во Женева, каде градоначалничката кажа дека Град Скопје купува бесплатни производи. Но, на терен не е така“, рече Доковска во подкастот.
„Јас посакувам во новата учебна година ученичките да имаат бесплатни менструални влошки. Мислам дека тоа го можеме, ако сакаме. Треба да им го вратиме достоинството на девојчињата“, додаде таа.
Доковска, која е долгогодишна активистка, во подкастот говори и за секакви ситуации со кои се соочувале при работата на терен, истражувајќи зошто во Македонија е ниска свеста за менструалното здравје.
Голем број од училиштата немаат мијалници, средства за хигиена, а камоли адаптирани тоалет, па дури ни градот Скопје нема јавни тоалети.
„Во едно училиште во село во Кумановско, тоалетот нема врати и е надвор од училиштето. Во школото има само седум девојчиња, а 1 наставник. Наставникот не ги пушта да одат сами, оти може да им излезе куче, а зимно време и рано се стемнува. Ако треба придружба, треба да одат со него. И едноставно, не го користат тоалетот“, вели Доковска.
Б. НЕСТОРОСКА