ОД ЛИЦЕНЦИТЕ ЗА КАНАБИС ЌЕ СЕ ДОПОЛНУВА БУЏЕТОТ ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ

    ОД ЛИЦЕНЦИТЕ ЗА КАНАБИС ЌЕ СЕ ДОПОЛНУВА БУЏЕТОТ ЗА РЕТКИ БОЛЕСТИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕИзмените на Законот за опојни дроги сега се во владина процедура. - Министерот за здравство Венко Филипче и пејачката Ребека Јанковска која е претседател на националната алијанса на ретки болести (Фото: Министерство за здравство)

    Дел од парите за лиценца за производство на медицински канабис, која што ја доделува Министерството за здравство, ќе одат во буџетот за ретки болести. Ова денес, на одбележувањето на Денот на ретки болести 28 февруари, го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека измените на Законот за опојни дроги сега се во владина процедура. Тој кажа дека годинава значајно е зголемен буџетот за набавка на лекови за ретки болести, а најави и можност пациентите на кои во одреден период не им е поставена дијагноза да бидат пратени во странство.

    „Луѓето со ретки болести со таа состојба живеат со години и изминативе две години работиме заедно со нив на инклузивен начин да ги решаваме проблемите. Лани буџетот за ретки болести беше 220 милиони денари, годинава се одредени на 380 милиони денари, но со заложби на премиерот Зоран Заев тој буџет ќе се зголеми на 450 милиони денари“, рече Филипче.

    Тој кажа дека лани вовеле 3 нови лека, од кои еден за болеста фамилијарна амилоидна полиневропатија, апластична анемија и нов лек за болеста Гоше. Годинава најави набавка на два нови лека, меѓу кои и нов лек во таблетарна форма за болеста Гоше. Годинава се набавуваат 30 лекови за пациенти со ретки болести.

    „Се надевам дека сите 20 пациенти кои лани беа на листа на чекање за лек, годинава набрзо ќе го добијат. Заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе направиме национален план, бидејќи проблемите што ги имаат овие лица не се само здравствени“, рече Филипче.

    Тој кажа дека со Фондот за здравствено осигурување работат активно на наоѓање решение да се подобри дијагностиката за лицата со ретки болести.

    „Сега со законските решенија не може пациенти да се праќаат во странство. Работиме на тоа доколку по неколку месеци не може тука да се постави дијагнозата, да се најде начин да се испратат во странство. Се надевам дека тоа ќе може да го направиме со колегите од Бугарија, каде имаат одлична генетска анализа“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари