Годишно од Македонија во странство си одат 200 до 250 лекари од јавното здравство, рече проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, на денешната свеченост во чест на 7 април, Светскиот ден на здравјето.
„Низ годините бројката на лекари варирала, можам да ви кажам еден пресек, од минатиот век до сега. Бројката која била на почетокот на 20. век од 60-тина лекари, која нараснала во 1990-тите на 18 илјади, сега се движи меѓу 6 и 7 илјади лекари, кои се медицински доктори. Тука не ги вбројуваме фармацевтите, стоматолозите“, рече д-р Димитров.
На новинарско прашање за тоа што треба да се направи за да се задржи кадарот, тој рече дека потребно е да се направи добра регионализација, да им се обезбедат подобри услови за специјализација, за унапредување, за брзо вработување, со стипеднии уште додека учат медицина и да им се почитуваат желбите и визиите кои ги имаат младите луѓе во струката.
„Сакам да им кажам на сите оние кои учат да станат здравствени работници, доктори и сето тоа да останат во државава, заради тоа што одливот на лекари е голем, би сакале на сите тие да им создадеме услови за добра работа, за специјализации, за вработување како и пријатен живот во нашата држава“, рече д-р Димитров.
Заменичката-министерка за здравство Маја Манолевса кажа дека одливот на лекари е глобален проблем, не е само во нашата земја.
„Изминатиот период Министерството за здравство посветено работи на реализација на приоритетите во здравството, нови инвестиции во медицинска опрема, подобрување на инфраструктурните услови во јавните здравствени установи, а паралелно и за зајакнување и доусовршување на кадарот, што претставува еден од столбовите на секој здравствен систем“, рече Манолева.
Според Ане Јохансен, претставничка на Светската здравствена организација (СЗО) во Македонија, здравството има остварено голем напредок во периодот за време на нејзиниот престој во државата.
„Покриеноста на здравственото осигурување е речиси целосна, работиме исто така, бидејќи сѐ уште има простор за подобрување , треба да се намалат трошоците што луѓето од својот џеб ги плаќаат за здравствени услуги. Особено работиме на унапредување на примарното здравство, соработуваме и со други земји, конкретно со Словенија, на проект за зајакнување на сестринството, оти тие би можеле да даваат поширок спектар на услуги од тој што го даваат сега“, рече Јохансен.
Б. НЕСТОРОСКА