ОД ПРВИ ЈАНУАРИ 500 АПТЕКИ ДОБИВААТ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МЕСЕЧНАТА КВОТА ЗА ЛЕКОВИ ЗА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ КОНКУРЕНЦИЈАТА

    ОД ПРВИ ЈАНУАРИ 500 АПТЕКИ ДОБИВААТ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МЕСЕЧНАТА КВОТА ЗА ЛЕКОВИ ЗА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ КОНКУРЕНЦИЈАТАСледната година според директорот на Фондот за здравствено осигурување Даниел Дончев ќе се зголеми вкупниот буџет за лекови на рецепт за 120 милиони денари, односно ќе изнесува 3,2 милијарди денари. - Директорите на ФЗОМ Орхан Рамадани и Даниел Дончев (Фото: Влада)

    500 аптеки од први јануари следната година ќе добијат зголемени месечни квоти за лекови од 20.000 денари. Директорот на Фондот за здравствено осигурување Даниел Дончев кажа дека зголемување на квотите ќе добијат 500 аптеки од вкупно 778 аптеки со кои ФЗОМ има склучено договор.

    „Вкупната сума на средства од ФЗОМ наменет за лекови на рецепт од досегашните 2,9 милиони денари се зголемува за дополнителни 120 милиони денари и ќе изнесува 3,2 милијарди денари“, рече Дончев.

    Според него, со новата методологија се обезбедува фер распределба на квотите на лекови кои се на товар на Фондот за здравство низ сите аптеки во цела земја.

    „Тоа не беше случај досега, поради што настанале големи разлики во висината на износите на квотите. Така само едно правно лице располагаше со 20 отсто од вкупниот буџет на Фондот наменет за лекови на рецепт или 47,1 милион денари. Ова правно лице добивало и за 40 насто поголема месечна квота од просечната квота на сите останати аптеки во Македонија“, рече Дончев.

    Тој кажа дека 20 правни субјекти претходно добивале поголеми квоти од 650.000 денари месечни, а дека едно правно лице со 14 аптеки добивало пет пати повисоки квоти од другите аптеки во регионот.

    Тој кажа дека со новата распределба на квоти аптеките ќе имаат обврска да издадат најмалку 20 отсто од месечната квота лекови кои се без доплата.

    Максимален месечен износ на квота по аптека ќе биде 650.000 денари, а едно правно лице со две и повеќе аптеки на месечно ниво нема да може да има повеќе од 10 отсто од вкупниот буџет на ФЗОМ кој е наменет за лекови на рецепт на ниво на цела држава.

    „Се намалува доминантната положба на пазарот на одредени правни лица, се зголемува конкуренцијата и се овозможува на средните и мали аптеки порамноправни правила на игра. Ги поттикнуваме аптеките да издадат повеќе лекови без доплата, треба да издадат најмалку 20 отсто лекови без доплата. Се воведува фиксна маржа од вкупната месечна квота по аптека, односно се укинува скалестиот систем со кој аптеките беа дестимулирани да го издадат поскапиот лек, а ги стимулираше да издаваат лекови со пониска цена“, рече Дончев.

    Тој најави дека ќе ги субвенционираат аптеките што работат во помалите места и во селата, каде нема доволно жители, за да се овозможи опстојување на аптеките и снабдување на населението со лекови.

    „ФЗОМ на месечно ниво ќе ја следи потрошувачката на лекови и ако се случи на 20-ти во месецот да се потроши квотата кај еден дел од аптеките, а кај другите да има неискористеност од 50 отсто, тогаш ќе се префрла од овие со неискористени квоти, кај оние аптеки, кај кои се искористени квотите“, рече Дончев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира