ОД СЕПТЕМВРИ СЕ ВОВЕДУВА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ, НЕ КАКО ПОСЕБЕН ПРЕДМЕТ, ТУКУ ДА СЕ ПРИМЕНУВА ВО НАСТАВАТА

    ОД СЕПТЕМВРИ СЕ ВОВЕДУВА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ, НЕ КАКО ПОСЕБЕН ПРЕДМЕТ, ТУКУ ДА СЕ ПРИМЕНУВА ВО НАСТАВАТАЈаневска додаде дека е важно учениците и да се заштитат при користењето на ВИ и да ги проверуваат добиените информации, да стекнат знаења и вештини и за етичка примена на вештачката интелигенција. (Фото: К. Попов)

    Од септември во средното образование ќе биде воведена вештачката интелигенција (ВИ), кажа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, на потпишувањето на меморандумот за соработка со Петар Ниновски од приватната високообразовна установа и друштво за интернет едукација „Бреинстер“.

    Вештачката интелигенција ќе се применува за различни теми по сите предмети и во слободните училишни активности. Министерката кажа дека ќе им биде корисна на учениците да размислуваат креативно, на наставниците за да ги планираат предавањата и тестовите, како и за автоматизирање на различни административни процеси во училиштата.

    За воведување на ВИ во наставата, Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието ќе имаат стручна поддршка од „Бреинстер“.

    Според министерката, учениците веќе го користат „Чет џпт“ и за разлика од генерациите пред 20 години, постојано се со паметни телефони. Затоа,  вели, во наставата се воведени и смарт-таблите бидејќи таблите со креда не им се привлечни.

    „Со вештачката интелигенција може за една до две минути да се добијат распоред за часови и распоред на наставници, може да им ги средува сметководствените потреби, на наставниците може да им направи наставни ливчиња, ако ги има податоците за темата што се учи, може да им направи тестови, вежби. Ученицитее може да ја користат на една платформа да вежбаат, да решаваат задачи, да одговараат прашања од одредена тема во учебникот. Сѐ тоа ќе биде многу побрзо и ќе биде соодветно на она што се случува во светот во овој момент. Најголемата придобивка од ВИ за учениците ќе биде тоа што ќе ги натера да мислат и што ќе им овозможи она што на нашите деца им недостасува според ПИСА-тестирањето“, кажа министерката.

    Јаневска додаде дека е важно  учениците и да се заштитат при користењето на ВИ и да ги проверуваат добиените информации, да стекнат знаења и вештини и за етичка примена на вештачката интелигенција во секојдневието, за време на наставата, а понатаму и во нивните професии.

    „На ова поле интензивно работиме и нѐ чека многу работа во следниот период. На Факултетот за информатика во Штип веќе подготвуваме документ со насоки за наставниците и за учениците за примена на ВИ од септември, што ќе биде увертира на воведувањето конкретни теми во наставните програми за секое одделение. Примарниот фокус на меморандумот што денеска го потпишуваме е поддршка на воведување на вештачката интелигенција во средните училишта. Но, ‘Бреинстер’ ќе помогне и во интегрирање на претприемништвото како област и тема во наставните програми во средното образование“, кажа таа.

    Јаневска рече и дека во Регионалниот центар за средно стручно образование во Битола се воведува насока за вештачка интелигенција во четири години и дека веќе се изготвуваат плановите и програмите со странски експерти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира