Европската Унија (ЕУ) воведува нов дигитален систем за контрола на границите, познат како Систем за влез/излез (ЕЕС), кој ќе започне со примена од 12 октомври 2025 година.
Овој систем ќе го замени рачното ставање печати во пасошите со електронска евиденција и биометриски податоци, а ќе се однесува на патниците од земјите што не се членки на ЕУ, вклучително и на македонските граѓани, при секое влегување или излегување од Шенген зоната.
Новиот систем ќе важи за повеќето граѓани кои не се државјани на ЕУ, како оние на кои не им е потребна виза, така и оние на кои им е потребна краткорочна виза за престој до 90 дена во период од 180 дена.
При првото патување под новиот режим, патниците ќе мора да дадат биометриски податоци, односно отпечатоци од прсти и фотографија од лицето. Оваа регистрација е еднократна и евиденцијата ќе важи три години или до истекот на важноста на пасошот.
Доколку еднаш сте ги поминале границите на европските земји кои го користат ЕЕС откако системот почнал со работа, вашите отпечатоци од прсти или фотографијата од вашето лице веќе ќе бидат евидентирани во ЕЕС. Службениците на пасошката контрола само ќе ги потврдат вашите отпечатоци и фотографија, што ќе одземе помалку време. Во ретки случаи, може да биде потребно повторно да се земат и евидентираат вашите податоци. Доколку поседувате биометриски пасош, ќе можете побрзо да влезете користејќи го системот за самопослужување (доколку е достапен на тој граничен премин).
Системот автоматски ќе го пресметува дозволениот број денови за престој во Шенген зоната, што ќе им олесни на властите да ги идентификуваат лицата кои го надминале дозволениот рок. Целта на ЕЕС е модернизација на управувањето со границите, борба против измами со идентитет, спречување на илегална миграција и зајакнување на борбата против криминалот и тероризмот, притоа почитувајќи ги правилата на ЕУ за заштита на личните податоци.
ЕЕС ќе се применува во 29-те земји од Шенген зоната. Воведувањето ќе биде постепено во период од шест месеци, почнувајќи од 12 октомври 2025, а се очекува целосна оперативност до 10 април 2026 година. Во почетната фаза на имплементација можни се подолги чекања на граничните премини.
Важно е да се напомене дека Системот за влез/излез (ЕЕС) е различен од Европскиот систем за информации и овластување за патување (ЕТИАС). Додека ЕЕС е систем за обработка на податоци на граница, ЕТИАС е онлајн овластување за патување кое патниците ослободени од виза ќе треба да го добијат пред да тргнат на пат. Се очекува ЕТИАС да стапи на сила кон крајот на 2026 година, откако ЕЕС ќе биде целосно во функција.