Членовите на Советот на јавни обвинители сметаат дека нивниот колега Иџет Мемети, осомничен за примање мито, не треба да учествува во работата и носењето на одлуки на телото, додека трае истрагата. Тие сметаат дека немаат законски можности да го разрешат.
На Мемети судот му го одзеде пасош како второосомничен во истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, за кое првоосомничениот врховен судија Наќе Георгиев на 21 мај доби 30 дена притвор.
На денешната седница, Кети Петкова кажа дека Законот за Совет на јавни обвинители не предвидува можност отстранување од работното место додека трае кривичната постапка.
„Од тој аспект на нас како Совет ни се врзани рацете да можеме како било да го тргнеме влијанието на членот. Иако немаме законска можност, да постапиме со таа одредба што би била најлогична, не смееме да останеме неми и да не ги кажеме детектираните слабости по постапувањето по овој предмет“, рече таа, додавајќи дека отворената кривична постапка и извршениот претрес во Советот, задираат директно на интегритетот на Советот како институција и на нив како членови.
Светлана Жупановска рече дека е оставено на доблеста на Мемети, да одлучи дали ќе учествува во неговата работа.
Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, се согласи со неговите колегите и му препорача на Мемети да не учествува во работата на Советот.
Претседателката на Советот, Душица Димитриеска кажа ќе го следат текот на кривичната постапка и согласно исходот од неа ќе постапат според законот.
Таа вели дека постапката за разрешување е предвидена, меѓутоа во овој случај е невозможна.
„Постапка за разрешување е предвидена, меѓутоа, таа постапка треба да отпочне со образложено барање кое треба да биде поднесено од најмалку 20 јавни обвинители и една третина од членови на Совеот, ова барање треба да е поткрепено со докази, во конкретниов случај тоа не може да се донесе“, рече таа, додавајќи дека не можат да му забранат на Мемети да присуствува на седниците.
Мемети не присуствуваше на денешната седница.
Георгиев и Мемети се осомничени дека му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Синот видел дека го лажеле двајцата, па ги пријавил во МВР, каде му дале обележани банкноти. Кога му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатиле Георгиев на дело.
Иџет Мемети во два мандата (16 години) беше Народен правобранител. Кратко беше без функција, па се најде веднаш на една од најголемите во правосудството – член на Советот на јавни обвинители, како истакнат правник, изгласан од парламентарното мнозинство.