ОД УТРЕ ЌЕ ИМА БЕЛ ЛЕБ ОД 33 ДЕНАРИ, НО ПЕКАРИТЕ ЌЕ ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТА

    ОД УТРЕ ЌЕ ИМА БЕЛ ЛЕБ ОД 33 ДЕНАРИ, НО ПЕКАРИТЕ ЌЕ ЈА ТУЖАТ ДРЖАВАТАПремиерот Ковачевски денеска лично ја проверуваше испораката на белиот и полубелиот леб во маркетите. (Фото: Фејсбук на Димитар Ковачевски)

    Од утре ќе има бел и полубел за 33 денари, но пекарската индустрија ќе ја тужи државата за нанесената штета, кажа денеска Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за мелничко-пекарска индустрија.

    „Пекарите се согласија од утре да полнат со производство и испорака на леб согласно можностите, за да се излезе во пресрет на потрошувачите но и да се опстане во периодов“, кажа Малишиќ.

    Во продавниците нема бел и полубел леб, откако Владата на 28 февруари ја замрзна цената на 33 денари, а трговците решија да не го произведуваат и да не го носат.

    „Пекарската индустрија е жртва на безумието. Одлуките кои ги донесе Владата прават огромни штети и загуби на индустријата на државно ниво, која е во износ над 1,5 милион евра. Поради наметнатите загуби, пекарската иднсутрија е принудена да се прилагоди и истите да ги намали со одредени видови леб, но и да намали во бројот на вработени како би опстанала во иднина. Битката со Владата продолжува на правна основа.По направените консултации со правни експерти, од дома и надвор, утврдено е дека владните одлуки се неуставни, незаконски или донесени без утвредно прекршување на пазарот по Законот за трговија. Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните“, рече Малишиќ.

    Премиерот Димитар Ковачевски денеска претходно кажа дека  е разочаран од ваквото однесување на дел од производителите на леб и дека затоа денеска била донесена одлука дека тие мора да обезбедат 80 проценти од производството на овој леб во месец декември 2022 година.

    „Компаниите кои во моментов не сакаат да произведуваат ваков тип леб се тие што го добија најголемиот дел од субвенциите за електрична енергија, што никаде не можете да најдете на пазарот во време на криза. Тие треба да покажат одговорност, да го испорачаат она за што исто така за оваа цена имаат маржа, зашто калкулацијата беше правена од пекарската индустрија. Да се заработува на грбот на граѓаните во вакво време кога сите треба да покажеме солидарност, тоа по мене е нешто најлошо што може да го направи која било компанија“, рече Ковачевски и додаде, „Јас морам да искажам разочарување од дел од производителите. Беа објавувани сметки дека некои производители таков тип леб во доцните ноќни часови го продаваа и по 50 денари. Нема да дозволам некој да прави екстра профит на грбот на граѓаните. Не држи објаснувањето дека мала пекараница може да произведе поевтин леб од голема пекарница.

    Како што објави премиерот на својот фејсбук профил, денеска заедно со министерот за економија Крешник Бектеши ја проверувале испораката на белиот и полубелиот леб во маркетите во Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира