Во вторник ќе се замрзне цената на лебот и нема да биде над 33 денари и за белиот и полубелиот леб во земјава, кажа денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Мерката за замрзнување на лебот ќе важи од 1 март, и ќе важи сѐ додека е во интерес на граѓаните, рече тој.
„Ова е само прв чекор од производите наведени во одлуката на Владата за утврдување на маржите. Министерството за економија работи за други производи и ќе следат и нови одлуки за замрзнување на цените. Нема да дозволиме воени профитери во време на криза. Се прават анализи и за тестенините, генерално за макароните и шпагетите и тие средства ќе се користат за укинување на одредени давачки и со тоа ќе влијае намалување на цените на истите производи и ако има потреба ќе има замрзнување на дургите цени. Не смее да има разлика во лебот од 28 до 38 денари на истиот леб“, рече Бектеши на денешната прес-конференција.
Бектеши кажа дека Пазарниот инспекторат ќе ја контролира не само цената на лебот туку и грамажата, односно леб не смее да се продава под 450 грама за дадена највисока цена.
Министерот рече дека ова е само почеток и дека ќе следат намалувања и за другите производи. За цените на овојшето и зеленчукот, рече дека чекаат предлог од Министерството за земјоделие и ќе го почитуваат каков и да биде. Најави и дека неделно ќе прават анализа за секој производ и ќе реагираат.
Бектеши кажа дека им е жал што за одредени компании ќе мора да се укине мерка за субвенционирање на струјата иако тие го исполниле тоа што го ветиле, но Министерството не разговарало поединечно со компании, туку со нивни претставници преку стопанските комори.
„Ние субвенционираме 250 компании и не преговараме со сите поединечно како треба да се направи одреден договор и слично. Кога од Стопанската комора ќе се каже дека ќе се почитува одредена одлука, тоа значи дека се зборува во име на сите во тој сектор. Повеќе од 60-70 отсто од тие што добиваат субвенционирана струја тоа не го почитувале и јас сум убеден дека Владата ќе го прифати предлогот на Министерството за економија. Чекаме правно дали ќе влезе во сила од 1 март или од 1 април. За овие компаниии кои 3 месеци не почитуваат одлука на Влада, а добиваат субвенционирана струја, речиси 500 илјади евра разлика добиваат месечно од Владата преку ЕСМ, тие 500 илјади евра што ги прават моментално како трошок преку буџетот, ќе направиме и ќе дизајнираме други мерки кои ќе бидат во корист на граѓаните. Нема да ги затвориме тие компании што не почитуваат, ги слушав дека тие се закануваат дека ќе затворат. Но, подобри да затворат отколку штетата да биде на грбот на граѓаните. Не ми требаат такви компании кои имаат цена од 45 денари за 450 грама бел леб. Ние да им платиме сѐ, и суровини и работници, а тие да го добиваат профитот“, рече Бектеши.
Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски на заедничката прес-конфереција со Бектеши кажа дека Макпетрол е избарана за набавувач на гас за март за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север. Природниот гас ќе се набави по цена од 60,10 евра, најниската понуда од пријавените три компании.
Б. НЕСТОРОСКА