Одборот за акредитација на високото образование на денешната седница донесе Одлука за поништување на акредитацијата на проектот за основање на Факултет за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга, зад која стори струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
„Со оваа Одлука на Одборот за акредитација на високото образование се поништуваат и сите други правни дејства во врска со почеток со работа на Факултетот за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга“, соопшти Одборот.
Решение за основање на овој факултет на 11 јуни донесе министерот за образование и наука во заминување е Јетон Шаќири, кој по потекло исто така е од Струга и е сопартиец со Мерко во ДУИ.
Министерството за образование и наука (МОН) утврдило дека се исполнети условите за почеток со работа на Факултетот за здравствени науки при Меѓународниот Универзитет во Cтруга. Позитивно мислење дале Агенцијата за квалитет на високо образовани и Одборот за акредитација.
Според решението потпишано од министерот Шаќири, Факултетот за здравствени науки имал одобрение и решение за основање од Одборот за акредитација на високото образование, заверено и добиено од претседателот на Одборот на 7 јуни годинава. Претседател на Одборот за акредитација од април годинава е проф. Марјан Ѓуровски. Врз основа на тоа, МОН на 7 јуни формирало Комисија за утврдување на исполнетоста на условите за почеток со работа на Факултетот за здравстени науки која на 10 јуни извршила увид. На 11 јуни изготвила извештај во кој се констатира дека овој факултет ги исполнува условите согласно одредбите утврдени со Законот а високо образовани и со Правилникот со нормативите и стандардите за основање високообразовни установи и вршење високообразовна дејност.
Приватниот Меѓународен Универзитет во Струга располага и со Факултет за економски науки, Правен факултет, Факултет за информатички технологии и Факултет за политички науки.
Лани на 20 јуни, Стејт департментот го означи градоначалникот на Струга Рамиз Мерко како непожелен за влез во САД поради вмешаност во значајна корупција. Стејт департментот тогаш кажа дека како градоначалник на Струга, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси, наштетувајќи ѝ на довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери. На црната листа на САД истовремено се ставени и неговата сопруга Шпреса и трите полнолетни деца, Генц, Назмије и Дренуше.