ОДГОВОРНОСТА НА ЈАНЕВА НЕ СМЕЕ ДА ГИ ОЦРНИ ОБВИНИТЕЛИТЕ ОД СЈО, НАШАТА БОРБА ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ ПРОДОЛЖУВА, ВЕЛИ ФАТИМЕ ФЕТАИ

    ОДГОВОРНОСТА НА ЈАНЕВА НЕ СМЕЕ ДА ГИ ОЦРНИ ОБВИНИТЕЛИТЕ ОД СЈО, НАШАТА БОРБА ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ ПРОДОЛЖУВА, ВЕЛИ ФАТИМЕ ФЕТАИТимот на СЈО и натаму во целост е посветен на борбата за правда, вели Фатиме Фетаи. (Фото: К. Попов)

    Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, која веќе истера еден предмет до крај со судска пресуда, а во септември чека пресуда и за „Титаник 3“, за апсењето и притворањето на шефицата Катица Јанева рече дека секој што се огрешил пред законот, треба да одговара, без селективност. Јанева вчера доби 30 дена притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“ на Обвинителството за организиран криминал.

    „Ова што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот мора да одговара и дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во Република Северна Македонија и дека никој не е недопирлив“, рече Фетаи по одлагањето на судењето за „Монструм” поради здравствени причини на судијата од организиран криминал Огнен Ставрев.

    Фетаи смета дека евентуалната одговорност на Јанева не смее да ја оцрни и целата институција, но и да се заборави на борбата против криминалот.

    „Евентуалната индивидуална кривична одговорност на еден од обвинителите од СЈО не смее да биде изговор и оправдување да се заборави целокупниот криминал кој се направи изминативе години и ние да ја запреме нашата борба. Тимот на СЈО е во целост посветен на борбата за правда и ние продолжуваме со она што е наша работа, а тоа е застапување на предмети во судница“, рече Фетаи.

    СЈО по апсењето на Јанева е без специјален обвинител. Се очекува Советот на јавни обвинители да најде решение за овој вакуум, кој не е предвиден во Законот за СЈО.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира