Одложено е првото рочиште од судскиот процес за мобинг против поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1 Владимир Панчевски. Тужител е поранешниот раководител на секторот за човекови ресурси во Кривичниот суд Горан Стаменковски, а судењето беше одложено бидејќи се уште не е готово вештачењето за мобинг.
На 28 декември лани, Основниот суд Скопје 2 ја прифати приватната тужба за мобинг поднесена од Стаменковски. Тужбата била поткрепена со докази за неосновано деградирање на Стаменковски од раководното место и со изјави на сведоци од Основниот суд Скопје 1.
Војната меѓу Панчевски и Стаменковски почна на 15 ноември, кога Основниот суд Скопје 1 соопшти дека тој вербално и физички ја нападнал портпаролката Паула Костадиноска, поради што таа таму викнала и полиција. Панчевски тогаш за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека политичката ситуација влијаела врз напаѓачот Стаменковски да ѝ се втурне во канцеларија на портпаролката, да ја навреди и да ѝ се закани. Тој тогаш најави дисциплинска постапка против Стаменковски.
По ова Стаменковски и група вработени, на Панчевски му поднесоа кривична пријава со која го товарат дека ја злоупотребил службената положба, односно дека на 4 ноември распишал интерен оглас за позицијата судски администратор иако, според Законот за судска служба, за ова место е предвидено да биде распишан јавен оглас.
Во врска со огласот прво усно реагирал раководителот на секторот за човеки ресурси во Основниот суд Скопје 1 Горан Стаменковски, но на 18 ноември, сепак, била донесена одлука и за судски администратор била избарана Роза Кавазова, која претходно работела како службено лице за посредување со информации од јавен карактер во Кривичниот суд. Вработените во кривичната пријава го товарат Панчевски дека тргнувајќи од личното пријателство со Кавазова, ја злоупотребил службената положба, ги пречекорил службените овластувања и ја избрал Кавазова за судски администратор.