ОКОЛУ 60 ОТСТО ОД БОЛНИТЕ ПРАВАТ БИОПСИЈА НА ПРИВАТНО ЗА ПРВИЧНАТА ДИЈАГНОЗА ЗА РАК НА ДОЈКА, ВЕЛАТ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО ХЕМАОНКО

    ОКОЛУ 60 ОТСТО ОД БОЛНИТЕ ПРАВАТ БИОПСИЈА НА ПРИВАТНО ЗА ПРВИЧНАТА ДИЈАГНОЗА ЗА РАК НА ДОЈКА, ВЕЛАТ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО ХЕМАОНКОСпоред онколошките пациенти, еден од главните проблеми на Клиниката за онкологија се периодите кога нема терапија. (Фото: К. Попов)

    На Клиниката за онкологија и радиотерапија годишно се дијагностицираат околу 1.200 пациентки со рак на дојка, а околу 60 проценти од пациентите за првичната дијагноза односно за биопсија одат на приватно, рече денеска Ана Марјановиќ од Здружението Хемаонко, во чест на одбележувањето на 1 октомври, почетокот на Месецот за борба против ракот на дојка.

    Марјановиќ рече дека она кое што е најпоразително за онколошките пациенти во Македонија,  е што тие се соочуваат со навистина голем број на проблеми коишто од година на година како да растат, иако делумно се менуваат работите. Здружението направило анкета која, според Марјановиќ, е поразителна и во која се вклучиле 200 дијагностицирани пациенти.

    „Она што е во прво време поразително е дека поголем дел, околу 60 проценти од пациентите за првичната дијагноза односно биопсија одат на приватно. Што е уште попоразително е дека околу 80 проценти од овие новодијагностицирани пациенти наместо на Клиниката за онкологија по дијагнозата се упатуваат на хирургија. Тоа е така бидејќи во оваа држава протоколите не се променети и не функционираат онака како што треба и што е уште позначајно тумoр бордовите не функционираат. Ние, како Здружение, навистина работиме на тоа да се подобри во иднина. Овие 80 отсто од пациентите е најзначајно да дојдат на Клиниката за онкологија. Во соработка со онкологот, хирургот, патологија да се направи најдобриот третман за тој пациент и како тоа лекување треба да се продолжи понатаму“, рече Марјановиќ.

    Од Здружението се надеваат дека до крајот на годината Македонија ќе има добра стратегија за скрининг програма која што ќе се следи со години и велат дека ако нема скрининг програма која што ќе даде резултати 5 до 10 години, апсолутно е како да нема скрининг програма.

    „Во оваа скрининг програма е најзначајно е да се вклучени сите пациенти од 40 до 69-годишна возраст, а ние работиме на некој начин бидејќи имаме премногу млади пациенти дијагностицирани на кој начин можеме да ги интегрираме и овие пациенти кои се под 40 години“, рече Марјановиќ.

    Според онколошките пациенти, еден од главните проблеми на Клиниката за онкологија се периодите кога нема терапија. Пари има, додава Марјановиќ, но треба да се менува начинот како се набавува терапијата.

    „На Клиниката за онкологија еден од главните проблеми е, иако оваа година добивме за 65 проценти поголем буџет, што воопшто не е за занемарување и нешто за што сме благодарни. Но, со што се соочивме оваа година, и покрај поголемиот буџет на Клиниката, во изминатите шест месеци се појавуваат дупки кои што се две недели, една недела, три недели за одредени терапии, што значи дека не се само парите проблем. Парите ги има, меѓутоа, поради габаритните тендерски процедури, некоординираноста административна на системот и немањето механизми кои ќе ги регулираат и добавувачите, ние сме оставени со дупки од неколку недели. А, како што веќе зборувавме, зошто да имаме вакви дупки кога веќе ги имаме средствата? Сметаме дека најнапред треба да се промени набавката на лекови, дека можеби треба да се размислува и за набавка на државно ниво, да не биде тоа месечно за неколку години, да биде централизирана за да се избегне ова“, рече таа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира