Нафтената компанија ОКТА од денеска до крајот на март ќе одобрува попуст од 2,4 денари за килограм, односно два денари по литар за дизел и бензини за сите трговци кои набавуваат горива од нивните капацитети. Како што соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, оваа иницијатива доаѓа во услови на зголемена нестабилност на глобалните енергетски пазари со цел да се заштитат граѓаните и економијата од нови ценовни шокови.
Министерката за енергетика Сања Божиновска вели дека очекува и компаниите кои работат во малопродажба да го следат овој пример, со што попустот би се рефлектирал директно во цените што ги плаќаат крајните потрошувачи. Таа изјави дека државата будно ја следи состојбата и веќе е во постојана координација со енергетските компании.
Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, вели дека како општествено одговорна компанија воведуваат попуст за да им овозможат на трговците да ја пренесат оваа придобивка кон домаќинствата и бизнисите. Тој вели дека иако трговците се слободни сами да ги утврдуваат продажните цени, оваа иницијатива е одраз на нивната посветеност да го поддржат пазарот во периоди на предизвици.
Од “Макпетрол“ соопштија дека дека намалувањето на цените од 2,5 денари (со ДДВ) за литар на нафтените деривати од страна на ОКТА не е доволно и не го решава проблемот кој го налага моменталната ситуација.
„Имајќи предвид дека добавувачот изминатиот период продаваше по многу повисоки цени од малопродажните регулирани цени од страна на РКЕ и остваруваа профити, додека трговците на мало работеа во загуба, но не ги затворија своите продажни објекти, за очекување беше дека ќе се добијат повисоки дисконти во набавната цена“, стои во соопштението на „Макпетрол“ и се додава дека „се очекува цените на суровата нафта и понатаму да растат, а тоа значи дека трговците и натаму ќе бидат принудени да работат со загуби“.
„Макпетрол“ како најдобро решение за надминување на проблемот за сите засегнати страни, вклучувајќи ги граѓаните, смета дека е замрзнување на набавните цени на нафтените деривати, а со тоа и малопродажните цени, како што е пракса во регионот, велат од компанијата.
Од Владата велат дека снабдувањето на домашниот пазар во моментов е стабилно и има обезбедено доволни количини на залихи и редовен увоз. Како дополнителен фактор за сигурност се посочува и пуштањето во функција на продуктоводот Вардакс, што придонесува за намалување на трошоците за транспорт кои претходно се реализираа со алтернативни начини.
Сепак, поради притисокот од движењата на светските берзи, Владата разгледува дополнителни механизми за заштита на стандардот. Доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, извршната власт планира да интервенира со корекции на даночните стапки, што би вклучило намалување на ДДВ за горивата или прилагодување на износите на акцизите.



